Богатството на Беџет Пацоли е 743 милиони евра


 

Лидерот на Алијансата за ново Косово, Беџет Пацоли и официјално е најбогатиот човек во Косово, а неговото богатство е околу 743 милиони евра, пренесува „Косово онлајн“.

Пацоли пријавил недвижен имот во вредност од 210 милиони евра, вклучувајќи куќи, земјиште и хотели. Само една негова куќа чини речиси 18 милиони евра. Тој изјави дека хотелот Swiss Diamond вреди 42 милиони евра.

Меѓу движниот имот Пацоли пријавил авион за кој вели дека чини осум милиони евра и осум возила.

Вкупната вредност на движниот имот е околу осум и пол милиони евра.

Пацоли поседува и многу акции во комерцијални компании, а нивната вредност е околу 506 милиони евра.

Само во групацијата „Мабатекс“ поседува акции вредни 200 милиони евра за кои пријавил заедничка сопственост.

Пацоли во банката има околу 10 милиони евра, како и заем од 287.971 евра кои, како што вели, ги зел за приватна инвестиција. Рокот за враќање на долгот е 2025 година.

Неговите годишни приходи, како што изјави, изнесуваат четири милиони евра.