Богатство од историја собрано во мало струшко катче (репортажа)


Млад, амбициозен, го сака фолклорот, а пасија му е колекционерството на народни носии. Љупчо Милошески од струшкото село Драслајца скоро 15 години собира народни носии. Во својата збирка има околу 1 500 парчиња за концертирање и 24 комплети со народни носии од охридско-струшкиот регион, но и од други делови на државата, од велешките села Ораше и Папрадиште, Дебарско Поле, Мариово, Гевгелиско, Кумановско…

Носиите, но и другите предмети во збирката на Љупчо датираат од 19 и 20 век, а најголем дел се во периодот пред 1950 година. Преовладуваат женските носии, а во најголем број се невестинските. Секој регион има своја терминологија од елементите што ја содржат носијата, но секоја носија се состои од кошула, тенка долга од домашно ткаено платно, горни облеки две, три или повеќе, скутник, појас, марами за глава и накит или украси со кои се украсувале.

Носиите од охридско-струшкиот регион, односно од Свети Наум до Дебар, наскоро ќе ги претстави во фотомонографија, а на промоцијата ќе бидат презентирани со ревија.

Љубовта за колекционерството од бабината невестинска носија

Љубовта за колекционерството и народните носии кај овој млад стружанец се јавила пред околу 15 години, по смртта на неговата баба Љубица Милошеска.

– Средувајќи низ шифоњерите на баба ми ја најдов нејзината венчална носија од селото Драслајца. Бидејќи носијата не беше комплетна, прашав кај некои роднини дали можеби е нешто позајмено, па не е вратено или е сосема изгубено, но не најдов некој конкретен одговор. На почетокот мислев дека е невозможно да ги најдам деловите што недостасуваат, но со истражување прво во Драслајца, дојдов до многу информации од локалните жители. Почнав да истражувам што носеле за секој ден што за свечености, свадби, празници, погреби… Тогаш го купив и првиот предмет, дел од накит за невестинска носија, што ми недостасуваше во комплетот. Така сфатив дека со истражување и со теренска работа можат да се најдат и да се купат по пристојни цени, ни раскажа Љупчо.

Мислел дека со комплетирање на венчалната носија од баба му ќе застане, но токму тогаш се пројавила љубопитноста за носиите во регионот и продолжил со интензивни истражувања и колекционерство.

Младиот стружанец планира на сопствената венчавка неговата избраничка да ја носи токму оваа носија, наследена од баба Љубица.

Грациозноста и богатството што го имаме се гледа на невестинските носии

Во колекцијата на Љупчо доминира невестинската носија. Таму, посочи, се гледа грациозноста и богатството што го поседуваме. За денот на свадбата секој гледал да биде во најубава и најукрасена носија.

– Нашите баби знаеле да се украсуваат и не штеделе пари за тоа. Накитот во цела Македонија што се носел најчесто е сребрен. Златото е помалку застапено. Накитот е изработен во различни техники, филигран, изработен со чукање, леење… За негова изработка најчесто биле користени парички кои ја изгубиле вредноста. Најмногу среќаваме накит со парички од Отоманската Империја, забележа Милошески.

На терен, додаде, најтешко се наоѓа накитот и елементи кои ги носеле пред 1950 година. Најлесно се наоѓа облеката, текстилот. Најчесто се наоѓаат некои понови делови од носиите.

Секоја носија има своја приказна

Разделбите со носиите, раскажува, некогаш се многу емотивни. Тие будат спомени кај сопствениците.

– Некој се одвојува од своите венчални носии или носии наследени од баба, мајка… и за нив имаат сентиментална вредност. Но кога ќе им објасниме дека ние ќе се грижиме за нив соодветно, ќе ги чуваме и презентираме, сфаќаат дека тоа е добро и ги даваат. Велат, подобро да бидат соодветно чувани и прикажани, отколку да завршат некаде на ѓубре, нагласи Милошески.

Кога ги зема носиите од повозрасни сака да слушне и како биле изработени, како бабата ја носела, како било на свадбата, кои биле обичаите… Пред само неколку дена ја докомплетирал носијата од охридското село Елшани, а дел од својата венчална облека му подарила баба Таса Стојаноска, родена 1944 година. Пет години се трудел да ги набави тие елементи, бидејќи биле многу ретки.

Струшките градска и влашка носија со посебно значење

Меѓу најдрагите носии ги издвои струшката градска и носијата на Власите (фаршариоти) од селото Горна Белица.

– Двете се носени во периодот од 1900 до 1920 година, потоа се заменуваат со други елементи. Кај влашката носија белиот шегун (горна облека) се заменува со црн. На терен или на стари фотографии ретко може да се види струшката градска носија со загун и срмено елече, бидејќи европската мода ала франга многу брзо ја заменила градската носија. Многу брзо почнало да се носат фустани, шалови, шапки…

Со реставрација се зачувува автентичноста

Постарите генерации знаеле како да ги одржуваат и ги чувале онака како што треба. Носиите од постари бабички биле одлично сочувани, додека оние парчиња земани од помладите генерации се пооштетени и потребна е реставрација.

– За една носија да се реставрира потребно е подолго време. Зависи колкку е оштететна и колку е тешко тоа да се направи, како и од материјалот од кој е направена. Сите материјали не ни се достапни. Гледаме носиите да ги реставрираме со материјали како што се направени. Ткаено платно, ткаена клашна, ширитчиња, кривалина, везови…, кои ги наоѓаме на терен, ги чуваме и со нив ги реставрираме носиите, појасни Милошески.

За реставрација соработува со колеги од истата област, но и неколку бабички од Струшко, кои му помагаат за кроење, шиење и плетење. Нема некоја што може да извезе или исткае, но се надева во иднина некои од помладите генерации ќе научат.