Бочварски: Правиме рестарт на градежниот сектор


Фото: Б. Грданоски

Министерството за транспорт и врски е силно посветено на унапредување на целиот градежен сектор и во таа насока се движи нашата соработка со сите комори и асоцијации, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на годишна конференција на архитекти и планери од државата и странство што се одржува во Битола.

На собирот организиран од Комората за овластени архитекти и овластени инженери, министерот Бочварски потсети на најголемата реформа во овој сектор и како што рече нашите заложби во континуитет се подобрување на работата и условите за работа за сите чинители коишто се занимаваат со оваа дејност.

– Со политиките што ги реализира Министерството за транспорт и врски се прави целосен рестарт на градежниот сектор, преку креирање на нови законски решенија со кои значително се подигнува квалитетот во овој сектор. Новиот Закон за урбанистичко планирање како и финализирањето на новиот Закон за градење се клучни документи со кои се унапредува работата на сите инволвирани во градежништвото и урбанизмот. Го донесовме Законот за урбанистичко планирање, исто така и Правилникот за урбанистичко планирање. Тука дадовме силна поддршка и за изработката и донесувањето на Ценовникот за висината на минималниот надомест за проектирање, значајни документи со кои ставивме ред и преку кои го валоризираме трудот на инженерите, архитектите, планерите, проектантите, сите стручни лица во нашата фела. Го финализираме и Законот за градење со сите прифатливи предлози од сите стручни лица и организации, посочи министерот Бочварски.

Министерот пред присутните потенцираше дека примената на Еврокодовите без одложување ќе започне со примена од септември следната година.

– Северна Македонија има обврска како земја кандидат за членка на ЕУ да ги воведе Еврокодовите за да го усогласи домашното законодавство со европското, а преку нив да се зголеми конкурентноста на домашните компании при учество на меѓународните пазари, нагласи министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Фото: Б. Грданоски

Во името на градот домаќин, учесниците на конференцијата ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски и ја нагласи улогата на архитектите за зачувување на старата архитектура на значајните културно историски објекти во Битола.

– Почнавме со изработка на новиот Генерален урбанистички план кој од исклучителна важност за градот. Но, очекуваме од оваа средба да произлезат заклучоци и решенија за координиран и синхронизиран пристап во оваа сфера и да придонесат за економски напредок на градот и државата, истакна Коњановски.

Јавна поддршка на стручниот собир на архитектите и урбанистите од државата и странство даде и државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Веби Беџети кој предочи дека средбата треба да помогне за креирање на подобра иднина на просторно урбанистичкиот пејзаж.

– Планирањето на просторот е начин за воспоставување на стратегијата за развој на територијата на секоја цивилизирана држава. Со просторното планирање се обезбедува умерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, подобри услови за работа и живеење на граѓаните, како и мерки за заштита и унапредување на животната средина, посочи Беџети.

Втората годишна конференција на архитектите и урбанистите од државата и странство завршува утре.