Бочварски: Повеќе можности за патување со железницата со отворањето на пазарот


 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најавува дека ќе продолжи поддршката од државата за Железници на РСМ Транспорт за одржување на патничките линии  и опстојување на претпријатието во услови на криза. Најавува дека повеќе можности за патување на граѓаните со овој вид транспорт ќе се овозможат со процесот на либерализација со кој на пазарот би влегле и други оператори.

На новинарско прашање дали се планира обнова на возниот парк за Железницата бидејќи веќе долго време не сообраќаат возовите кон Кичево и Кочани,  Бочварски денеска рече дека интересот за тие две линии е намален, а за останатите каде има доволен број патници е обезбедена поддршка за претпријатието пред кое претстојат предизвиците со либерализацијата на пазарите и со преструктуирање.

-Интересот за овие две делници  е исклучително намален, и кон Кочани и кон Кичево, и токму поради тоа сите линии кои се оперативни, на пример Скопје – Велес оперираат во овој момент и останатите каде што имаме доволен број патници, Министерството  за транспорт и Владата веќе имаат одобрено финансиски средства каде што даваме целосна поддршка за ова претпријатие да продолжи со оперирање на јавниот патнички превоз во Железницата. Така ќе продолжиме да работиме и во идниот период со цел да опстои во овие тешки времиња бидејќи се работи за претпријатие од исклучителна важност, изјави министерот на новинарско прашање, по настанот по повод заокружување на изградната на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола.

Според него, со либерализацијата на железничкиот транспорт и отворањето на пазарот во идниот период ќе може  да се разговара на темата за, како што рече, отворање на границите на некој начин и влегување и на други оператори на територијата на државава.

-Со тоа ќе се отворат повеќе можности за граѓаните за да патуваат со железничкиот  транспорт, изјави Бочварски.

По намалувањето на влијанието на економско енергетската криза ќе се разговара и за третата опција, односно преструктуирање на ова претпријатие со што, потенцира,  ќе добиеме подобри и навремени услуги и задоволство кај граѓаните во однос на железничкиот транспорт.

Во третиот квартал годинава во железничкиот сообраќај се реализирани вкупно 352,4 илјади возни километри, што претставува намалување за 15,5 проценти во однос на истиот период лани, како резулатат на намалувањето на бројот на возови и во патничкиот и во товарниот сообраќај.