Бочварски: Посветени сме на изградбата на пругата кон Бугарија


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска пред бугарскиот амбасадор во државава Ангел Ангелов ги презентира капиталните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија, со посебен акцент на доизградба на железничкиот Коридор 8.

Бочварски потенцирал дека Владата останува силно посветена на изградба на пругата кон Република Бугарија и оти се преземаат сите потребни чекори и од технички и од финансиски аспект за нејзино довршување.

-Во текот на средбата со амбасадорот Ангелов разговаравме за сите крупни капитални проекти што ги реализираме во нашата држава, но посебен акцент ставивме на изградбата и модернизацијата на Коридор 8, што се од круцијално значење за унапредување на соработката меѓу двете земји. Го информирав амбасадорот за сите активности што ги преземаме за доизградба на пругата кон Република Бугарија и со оглед на тоа што станува збор за проект од особено значење за двете земји, се согласивме за потребата од зајакнување и интензивирање на нашата соработка, изјави Бочварски.

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, министерот Бочварски и амбасадорот Ангелов разговарале и за зголемување на трговската размена меѓу двете држави и зајакнување на регионалната соработка.