Бочварски очекува 80 отсто реализација на капиталните инвестиции


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува до крајот на годинава да бидат реализирани 80 проценти од капиталните инвестиции на Министерството.

На денешната прес-конференција на која се осврна на реализираното во првите 100-тина од новата Влада, Бочварски посочи дека и во услови на здравствената криза, проектите не се забавени, туку се реализираат со уште поголем интензитет.

– Влеговме во еден период каде пандемијата од корона кризата имаше силно влијание врз диманиката на изградба на капиталните проекти, но со посветена работа и добро менаџирање, не дозволивме тие да запрат. Министерството за транспорт и врски и во услови на оваа здравствена криза, и понатаму останува мотор на домашната економија. Проектите што ги реализираме, не само што не се забавени, туку во овие 100-тина дена од новата Влада, добија уште поголем интензитет, рече Бочварски.

Показател за тоа, како што истакна, е растот на градежниот сектор во третиот квартал за 3,4 процентни поени, како и фактот што во речиси сите градежни компании нема отпуштање на работници.

За следната година најави интензивирање на градежните работи за изградба на експресниот пат Прилеп-Градско, а информира дека се завршени и сите пропуштени проекти за изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Најавена е и силна градежна офанзива во општините каде ќе бидат реконструирани локални патишта.