Бочварски: Нова градежна компанија ќе ја реконструира делницата Катланово – Петровец


 Нова градежна компанија е избрана за рехабилитација на делницата Катланово-Петровец, која е дел од автопатот Велес-Скопје. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска присуствуваше на отпочнување на градежните работи на новиот далекувод Велес-Овче Поле, истакна дека изборот на нова фирма доаѓа откако претходната компанија, која требала да ги стратува градежните работи на терен работела со слаба динамика. Новата фирма веќе е воведена во работа.

-Во овој период се вршат првични мерења, а од почетокот на наредната година согласно временските услови ќе продолжи со работа новиот изведувач на оваа делница и наредната година ќе биде комплетирана и завршена во рекордно време, бидејќи тоа им го должиме на граѓаните, вели Бочварски.

Посочи дека паралелно со овој проект се работи и на стариот пат од Катланово до Велес, но и од Велес до Градско за што се избрани изведувачи и се работи на реализација на овие многу значајни патни правци.

-После многу години, децении пристапуваме кон реализација и рехабилитација на овие, јас би рекол, многу значајни патни правци за граѓаните и државата, додаде Бочварски.

Прашан за разрешувањето на директорот на Колска, но и кога ќе се именува нов директор, Бочварски со одговор дека Владата именува директор на Колска.

-Согласно можностите и она што го имаме на располагање како кадар и капацитетност во таа компанија ќе биде назначен нов директор. Она што е важно е дека јас сум во постојана комуникација и со вработените, но и со тимовите, кои моментално го раководат ова претпријатие и правиме се за да вработените добиваат плата за она што го сработиле, потенцираше Бочварски.

Забележа дека постојано е во комункација со македонски Железници, Транспорт и Колска со цел да се исплатат плати за вработените, но и да го сработат согласно она што се бара од нив.