Бочварски: Напролет ќе се градат делниците на експресниот пат Градско-Прилеп


Надминати се затекнатите проблеми со изградбата на делниците на експресниот пат Градско-Прилеп и напролет, во новата градежна сезона ќе имаме градежна офанзива. Новата компанија „Штрабар“ ќе работи на делницата Градско-Дреново, изјави министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски. Тој денеска во Прилеп присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на новиот мост, капитален проект вреден 35 милиони денари.

-На Влада веќе донесовме одлука за преземање на делницата Градско-Дреново и кога ќе се создадат добри временски услови ќе започне со работа друга компанија, тоа е компанијата „Штрабар“ која ги презема работите од компанијата „Тирена скави“ со што влегуваме во силна инвестициска активност на овој коридор 10-Д што е многу значаен за граѓаните на Прилеп, рече Бочварски.

Напролет ќе се работи и на втората делница Дреново-Фариш која е во тендерска постапка, а преку ИПА-програмата ќе се работи на делницата Ленишки мост-Прилеп.

-Втората делница од Дреново до Фариш е во тендерска постапка, во фаза е евалуација и очекуваме напролет да започне да се работи и да се реализира како комплетна експресна делница. Ќе се рехабилитира и патниот правец Плетвар и преку ИПА-програмата работиме за делницата од Ленишки Мост до Прилеп.Работиме и на автопатското решение Прилеп-Битола со што граѓаните од Пелагонискиот регион ќе добијат патна инфраструктура каква што заслужуваат, ќе ги намалиме сообраќајните незгоди, ќе ги зголемиме конекциите, најави Бочварски.