Бочварски најави предвремени локални избори во Штип


Можно одржување предвремени локални избори во Општина Штип, најави градоначалникот на општината, Благој Бочварски, кој си заминува од оваа функција бидејќи е предложен за министер за транспорт и врски во новиот владин состав.

„Јас и досега имав назначено заменик градоначалник од редот на советниците, постапката ќе ја продолжи општината и ќе се преземат сите наредни чекори, ќе се избере в.д. градоначалник кој ќе ја извршува таа функција се до следните локални избори. Законот е јасен па ќе го толкуваат и нашите правници. Реална е таа можност да се оди на предвремени локални избори, според овие закони, нека ги толкуваат правниците, како ќе се одлучи, веројатно е дека во Штип ќе треба да има предвремени локални избори. Во кој момент ќе се случат треба да одреди Владата и ресорното министерство. Има точно определени рокови до кога треба да се донесат овие одлуки и до кога може да трае мандатот на в.д. градоначалникот. За граѓаните најважно е општината да продолжи да функционира непречено, а јас ќе ја давам мојата поддршка“, рече Бочварски.

На денешната прес-конференција зборуваше за проектите на општината како отчет за досегашната негова работа како градоначалник, а според него, пожртвуваноста била препознаена од мандатарот, па му било доверено гломазно министерство.

„Се будев и легнував со предизвиците за мојот град и граѓаните. Ова беше препознаено од мандатарот и јас сум единствениот градоначалник кој има чест да го води ова гломазно министерство. Со ист жар ќе се борам за она што ни е важно денес и за идните гренерации“, порача Бочварски.

Како министер за транспорт и врски рече дека ќе продолжи да работи на значајни инфраструктурни проекти за целата земја. Најави изградба на нова, модерна инфраструктура по европски стандарди.