Бочварски: Инвестираме подеднакво насекаде за рамномерен регионален развој и подобро општество за сите


Инвестираме подеднакво насекаде заради рамномерен регионален развој и обезбедување подобро општество за сите наши граѓани. Веруваме дека само на тој начин државата оди во вистински правец, истакна денеска во Кавадарци министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев извршија увид во реконструкција на локални улици, во рамки на проектот „Поврзување со локални патишта”.

Бочварски и Јанчев потпишаа и договор за реконструкција на три улици во Општината, како дел од проектот за поврзување на локални патишта, кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините.

– Низ овој период покажуваме континуирана грижа за сите граѓани преку реализација на капитални проекти, со кои ги подобруваме условите за живеење како во урбаните, така и во руралните средини, нагласи министерот.

Тој појасни дека на Општина Кавадарци преку проектот „Поврзување со локални патишта” и се распределени еден милион и 133 илјади евра, за реконструкција и санација на улиците во градот.

Преку првиот повик општината аплицирала со три улици и тоа ,,Илинденска”, ,,Пионерска” и ,,Браќа Џунови”. За реконструкција на овие улици се инвестираат вкупно 20 милиони денари. Градежните работи се веќе започнати и се очекува трите улици да бидат завршени за околу десетина месеци, колку што е предвидено во договорот.

Бочварски соопшти дека Општината аплицирала со два проекта и во вториот повик. Се работи за реконструкција на улиците „Дисанска” и „Западен булевар“. Јавниот повик бил во фаза на евалуација и наскоро ќе бил избран изведувач и дополнително уште овие две улици ќе се реконструираат годинава во рамките на овој проект.

– Во делот на инвестициите во патната инфраструктура веќе го рехабилитираме регионален пат Кавадарци – Дреново, за што инвестираме 95 милиони денари. Претходно во соработка со Општината работевме на реконструкција на водоводот, го реконструиравме транзитот низ Кавадарци, патниот правец до Росоман, изградивме нов мост во Ваташа, така што имаме силен инвестициски циклус во Општината и регионот генерално, нагласи министерот.

Тој рече дека е ова многу значаен проект кој е преку Светска банка и им дава силна поддршка на сите општини во државата.

Градоначалникот Јанчев рече дека во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски, Општината Кавадарци има добиено речиси милион и триста илјади евра, за реконструкција на патишта и улици.