БМВ значително ќе го зголеми бројот на електрични возила


Германскиот производител на луксузни возила БМВ планира значително да го зголеми производството на електрични автомобили, изјави извршниот директор Оливер Зипсе за германскиот дневен весник „Аугсбургер алгемајне“.

– Значително го зголемуваме бројот на електрични возила. Од следната до 2023 година, ќе произведеме четвртина милион повеќе електрични автомобили отколку што првично беше планирано, рече Зипсе.

БМВ сака до 2023 електричните автомобили да сочинуваат приближно една петтина од продажбата. Оваа година, нивниот удел е околу осум проценти.

Зипсе повторно повика да се забрза проширувањето на инфраструктурата за полнење.

– Од денес секоја недела во функција би требало да се стават петнаесет илјади приватни и околу 1.300 јавни пунктови за полнење. За жал, сè уште сме далеку од тоа, заклучи шефот на БМВ.