Блупринт групата се повлече – не сака да учествува во подготовката на Кривичниот законик


 

Незадоволството од измените во Крвичниот законик Блупринт групата го преточи во излегување од процесот за изработка на новиот Кривичен законик. Според соопштението на групата нивното учество било „беспредметно во постапка која суштински го озаконува незаконитото, што е дополнително спротивно на нашата мисија за конструктивно, транспарентно и засновано на докази градење на политики“.

Главниот мотив за ваквиот чекор се измените на Кривичниот законик од пред еден месец што ги предложи Владата. „Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата за тоа. Во ваква ситуација и состојба, сведоци сме на дрска злоупотреба на т.н. европско знаменце, европско право и казнени политики во овие рамки“, велат од Блупринт групата.

Оваа мрежа на организации неодамна се повлече и од работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.  „Вклученоста на граѓанскиот сектор не смее да се користи како алатка за давање на легитимитет на процесите и да служи како ‘декор’ во рамки на работните групи за измена на закони. Блупринт групата нема да учествува во процеси во кои правото и правниот систем се извртуваат и злоупотребуваат, личниот интерес на поединци – го надминува јавниот интерес и општественото добро, а политички цели и интереси – се издигнуваат над темелните вредности“, велат од Блупринт групата.