Блумберг: Основачот на „Зум“ заработи 4,2 милијарди долари за неколку часа


САД – Ерик Јуан, основач на американската компанија „Зум видео комуникејшнс“ за само неколку часа стана побогат за 4,2 милијарди долари, објави Блумберг.

На берзата вчера, акциите на „Зум“, која нуди главно услуги поврзани со видеоврски и видеоконференции, за неколку часа пораснаа за околу 26 отсто, на скоро 410 долари. Според познавачите, ако овој тренд продолжи уште еден ден, богатството на Јуан ќе надмине 20 милијарди долари.

Акциите на компанијата нагло пораснаа по објавувањето на позитивните извештаи на компанијата. Јуан е извршен директор, претседател на бордот директори и сопственик на „Зум“.

Популарноста на апликацијата „Зум“ значително се зголеми за време на пандемијата на коронавирус, кога многу луѓе ги почувствуваа потребите од интернет-комуникацијата.