Нема преговори за Македонија, блокадата на Бугарија сега ќе ја решава словенечкото претседателство
Иако имало „длабока дебата“ за проширувањето на Европската унија и датумот на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија, не беше постигнат договор, објави попладнево на прес конференција португалската министерка за европски прашања Ана Паола Закаријас.
„И покрај сите напори не беше возможно да се постигне договор за отворање на преговарачкиот процес за Македонија и Албанија и да се оди на први меѓувладини конференции. Заклучивме дека претседателството на Словенија со ЕУ ќе продолжи со напорите да се дојде до решение врз основа на предлогот на португалското претседателство“, рече Закаријас.
По прес-конференцијата требаше да се одржат првите межувладини конференции со Црна Гора и Србија според новата методологија и тоа Закаријас го означи како успех „да се искористи моментумот“. Прес-конференцијата таа ја заврши со забелешката „Време е да се испорача“, но очигледно тоа не беше случај со Македонија.
На забелешката дека Португалија како претседавач доживеала неуспех во мисијата со Македонија и Албанија и дека тоа ќе предизвика голем пад на довербата во Унијата, португалската министерка одговори:
„Португалското претседетелство стори се што може да најде можен компромис. Навистина сакавме да имаме не две туку четири меѓувладини конференции денес, но беше многу тешко. Ние го разбираме тешкиот политичкиот момент во кој живеат Бугарија и Северна Македонија. Се уште не е момент. Мора да најдеме решение со кое ќе се чувствуваат удобно сите страни. Го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите и да не го губи моментумот, да ја продолжи расправата и да ги искористи предлозите што се на маса. Се надевам дека ќе ги имаме тие две меѓувладини конференции што е можно побрзо, за време на идниот семестар“, рече Закаријас.