Блокадата на Македонија во ЕУ е неодржлива, му рече Пендаровски на Борел


 

Македонскиот претседател денеска му рече на првиот дипломат на ЕУ дека блокот не може уште да ја држи настрана земјава која е докажан европски партнер. Особено во новите геополитички прилики и руската инвазија на Украина. Стево Пендаровски му соопштил на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на нивната средба утринава дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година, соопшти кабинетот на Пендаровски.  Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Северна Македонија, рече претседателот Пендаровски, се докажа како кредибилен партнер на Европската унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.

Пендаровски и Борел зборувале и за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина. Тие нагласиле дека е потребно итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.

Борел ја поздравил одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Северна Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година.

На средбата се разговарало и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.