Блокадата на Бугарија е голем проблем за ЕУ, вели словачкиот министер Корчок


„Јас ги почитувам националните интереси на Бугарија, но гледајќи од поширока перспектива, тоа е голем проблем за нас“, рече Иван Корчок на безбедносниот форум во Братислава

 

ЕУ треба да ја преиспита својата амбиција да биде глобален играч и наместо тоа да се фокусира на индивидуални прашања, како што се оние што се однесуваат на Западен Балкан, Блискиот исток, Украина и Северна Африка, рече министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок, на безбедносниот форум во Братислава објави агенцијата ТАСР.

„Јас не сум љубител на големи стратегии. Можеме да ги имаме, но тогаш се чини дека еден Лукашенко го открива нивото на нашето влијание. Ми се допаѓаат делумни стратегии – помали и јасно дефинирани во клучните сфери“, рече Корчок во панел дискусијата за глобалното влијание на ЕУ.

Според Корчок националните интереси сè уште доминираат во одлуките на одделни земји-членки на ЕУ. Овој негов став тој го илустрира со обидите на Бугарија да го блокира почетокот на преговорите со Македонија.

„Ова го загрозува проширувањето на ЕУ, што е голем дел од проектирањето стабилност“, рече тој. „Јас ги почитувам националните интереси на Бугарија, но гледајќи од поширока перспектива, тоа е голем проблем за нас“, додаде Корчок.

И словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар зборуваше во исто тон за продолжување на процесот за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.

„Унапредување на одржливиот развој, стабилноста и просперитетот на земјите, ваквиот процес е директно во интерес на Словенија и на целата ЕУ“, нагласи Логар.