Блок не гледа пречка преговорите веднаш да почнат


Холандскиот министер за надворешни работи Стефан Блок  не гледа пречка веднаш да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија.

-Земјата нема дополнителни услови, рече тој.

Еврокомесарот Оливер Вархеји на прес конференцијата посочи дека Европската комисија ќе ја забрза нејзината работа  и ќе почне да ја подготвува преговарачката рамка. Намерата е преговорите да започнат што е можно побрзо.

Партијата на европските социјалисти (ПЕС) ја поздравува одлуката  за започнување на преговорите.

– Ова е прашање на правда и кредибилитет. Албанија и Северна Македонија презедоа тешки и неопходни реформи и ни ја покажаа нивната посветеност кон европските правила и идеали. Дојде време ЕУ да ги исполни своите обврски. Ова е вистинската работа што треба да се направи, изјави пертседателот на ПЕС, Сергеј Станишев.

Тој ја истакнува стратешката важност на овој чекор за целиот регион на Западен Балкан.

– Оваа одлука испраќа многу позитивен сигнал до Западен Балкан: вратата на ЕУ е отворена за оние кои сакаат да ги модернизираат своите земји во согласност со принципите на демократијата и вредностите на ЕУ. Знаеме дека ЕУ има моќ да произведе позитивни промени во нејзиното непосредно соседство. Ајде да го искористиме тоа, вели Станишев и им честита на доскорешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев и на албанскиот премиер Еди Рама за нивното лидерство.