Блог во живо – Зоран Заев на разговори во Софија
Македонскиот премиер Зоеран Заев денеска е во Софија каде има интензивна агенда на разговори со официјалните лица на државата и со претставниците на политичките партии во заеднички обид да се најде решение за излез од бугарската блокада за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Нашиот новинар, Слободанка Јовановска е во Софија и известува за целодневните разговори.
16:50 Средба Заев – Радев: Дијалогот е од клучно значење
Јасната европска перспектива на Македонија е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ. Ова, како што соопшти владината прес-служба, било истакнато на средбата на премиерот Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија. На средбата беше истакнато дека посетата на делегацијата на Владата на Северна Македонија на Бугарија на највисоко ниво, е од исклучителна важност и доаѓа во момент кога силната динамика на контактите и дијалогот е од огромна важност за односите меѓу двете земји.
Премиерот Заев на средбата истакна дека градењето на пријателството меѓу братските народи на двете земји е обврска на лидерите кои пред себе треба да ја имаат перспективата на младите.
Кабиентот на Радев информира дека во фокусот на разговорите на средбата било продлабочувањето на билатералниот дијалог и изгледите за реален напредок во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија.
Радев истакнал дека за Бугарија, Република Северна Македонија е најважната блиска пријателска земја. „Затоа ни требаат редовни контакти, дијалог и соработка. За жал, во последниве години овие односи стигнаа до ќор-сокак, дијалогот е замрзнат и тоа влијаеше на вашите изгледи за влез во ЕУ“, нагласил Радев.
Според него, Договорот за соработка во 2017 година нема специфични обврзувачки услови и рокови, а тоа овозможило „варијабилни одлуки и активности“.
Румен Радев на средбата упатил и благодарост на претседателот Стево Пендаровски за заедничката посета на Рим ја повторил најавата дека Бугарија ќе донира 50.000 вакцини за Македонија.
14:50 Ципрас: Бугарија треба да најде политичка волја за решение
Пранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, на тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор во интервју за МИА изјави дека по примерот на Грција и Македонија, сега треба Бугарија да најде политичка волја за решение.
„За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Македонија. Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото“, вели Ципрас.
Лидерот на Сириза додава и дека ако тој сега беше на власт ќе инсистирал на доследна примена на Преспанскиот договор. Тој наведува дека ќе пристапеле кон одржување на вториот Совет за соработка на високо ниво, ќе имало напредок за трговските ознаки и ќе била спроведена и одлуката од јуни 2019 година за учебниците во Македонија.
14:30 Заев: Проблемот со Бугарија е билатерален и така треба да се реши
Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот колега Стефан Јанев по нивната средба во Софија уште еднаш повтори дека проблемот меѓу двете земји е билатерален и дека така треба да се реши.
„Разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели секаде во светот, но проблемот е билатерален и решението треба да го најдеме овде, билатерално, ние, двете страни. Ако сме одговорни политичари тоа е наша обврска – да работиме на изнаоѓање решение“, рече Заев.
Тој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение. Рече дека на средбата бил искоментиран и португалскиот предлог. До граѓаните на Северна Македонија и Бугарија упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.
-Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог“, потенцира Заев.
Претходно, бугарскиот премиер Јанев кусо соопшти дека македонската делегација е дојдена со конкретни решенија кои ќе бидат разгледани. Политиката на Бугарија, повтори Јанев, е цврста поддршка на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија и поддршка за нивното присоединување кон европското семејствио.
„Во моментов имаме прозор на возможност да работиме на решение. Целта ни е да се фокусираме на доверба, пријателство и отворен дијалог“, подвлече Јанев.
12:40 Почна тет-а-тет средбата со Стефан Јанев
Пред неколку минути почна средбата во четири очи на премиерите Стефан Јанев и Зоран Заев. Оваа средба се очекува да трае петнаесетина минути, а пото на премиерите ќе им се приклучат и членовите на делегациите. По разговорите двајцата премиери ќе одржат прес-конференција во 13:35 часот.
На својот Твитер профил Заев напиша: „Ја започнавме средбата со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев. Денес работиме на зајакнување на довербата и преку искрен пристап целиме да постигнеме исчекор напред кон решение“.
11:55 Социјалистите се против кревање на блокадата
Корнелија Нинова, претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП) по средбата со Зоран Заев изјави дека нејзината партија смета оти во моментов нема услови Бугарија да се согласи Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. На прес-конференцијата во седиштето на партијата, по состанокот со Заев, таа, според агенцијата Фокус, го изјави ова:
„Нашата позиција останува непроменета. Во моментов нема услови Бугарија да даде согласност за почнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Ја искажавме нашата подготвеност да останеме отворени за дијалог на сите нивоа за да најдеме решение за ова прашање, бидејќи нашиот принципиелен став е дека пристапувањето на С. Македонија во ЕУ е гаранција за регионот и можност за развој“.
Таа рече дека средбата се остварила на барање на премиерот Заев.
Во сооопштението на БСП по средбата се нагласува и ова:
„Го поддржавме Договорот за добрососедство, како и Декларацијата на Бугарското национално собрание. Го поздравуваме дијалогот на највисоко ниво, но не го одобруваме говорот на омраза што постои во С. Македонија кон Бугарија, дискриминацијата на луѓето што се определуваат со бугарска самосвест, како и изобличувањето на историските факти и вистината. Ние целосно разбираме дека нашите очекувања како партија се дури и поголеми отколку за другите партии, бидејќи ние и Социјалдемократскиот сојуз сме партнерски партии, учествуваме во заедничките меѓународни организации на социјалистичките и социјалдемократските партии. Ние сме партнери, ние сме и пријатели. Ги почитуваме ова пријателство и партнерство, но Бугарија и бугарскиот национален интерес ги ставаме над сè“.
Во соопштението најпосле се додава: „Наведовме дека остануваме отворени за дијалог на сите нивоа за да најдеме решение за ова прашање, бидејќи нашиот принципиелен став е дека пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија е гаранција за регионот и можност за нејзин развој“.
11:40 Прво со Јанев, па прес, па средба со Радев
Во 12:30 часот Зоран Заев и бугарскиот премиер Стефан Јанев треба да имаат средба со четири очи, а потоа ќе им се приклучат и членовите на делегациите. По оваа средва Јанев и Заев треба да имаат прес-конференција.
По ова македонскиот премиер ќе замине на разговори со претседателот Румен Радев
11:20 Што му рекол Борисов на Заев
„Денес ќе имате многу состаноци. Убеден сум затоа што тој ги познава луѓето што ќе ги сретнете, особено за Радев, дека тие ќе ви кажат дека без парламент ништо не може да се стори. Тој повторно ќе префрли, како и во минатото со авионите ‘грипен’ во парламентот. Сегашната привремена влада ги има сите права и може да преговара со вас. Нов договор ако не го сакаа нашиот. Но, тие ќе бегаат од одговорноста, како и секогаш. Во исто време, ги лажат евроатлантските партнери дека се за членство на Северна Македонија во ЕУ“, рече Бојко Борисов за време на неговата средба со Зоран Заев.
„Верувам дека ако не најдеме решение, како две земји, две нации, два народа, генерации млади Бугари и Македонци чќе се замразат. Ќе го направиме тоа што нема да ни требаат никакви инфраструктурни проекти затоа што нема никој да патува по нив. А тие се толку важни“, смета лидерот на ГЕРБ.
Според него, целта на сегашната влада е да ја помине иницијативата „Три мориња“ за да можат да дојдат „повисоки гости од Америка“. Тој му предложи на Заев младинските организации на партиите да одржат заеднички форум за да не се мразат во иднина.
11:00 Средба со Бојко Борисов
Зоран Заев денот го почна на средба со претставниците на ГЕРБ на чело со поранешниот премиер Бојко Борисов. Во македонската делегација освен Заев е вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, а со Борисов се двајца поранешни министри за надворешни работи, Екатерина Захариева и Даниел Митов. Митов беше и мандатар на ГЕРБ за составуување на влада по изборите во април, но не успеа.
За време на разговорот било речено дека дека службената влада на Бугарија ја има целата надлежност и уставна можност да решава актуелни отворени прашања. Заев на средбата рекол дека тој и владината делегација се во Софија за да се вложат напори за градење доверба и да се направи чекор напред кон решение бидејќи македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка.
Заев и Борисов на некој начин ја повтгорија заложбата на претседателите Пендаровски и Радев за поблиски врски меѓу младите на двете држави. Според соопштението на македонската влада „како чекор кон градење на пријателството и довербата е добредојдена идејата за организирање форум меѓу младите, подмладоците и младинските организации од Северна Македонија и Бугарија за да разговараат за заедничката иднина и дека тоа е една и од обврските на политичките лидери, да бараат решенија заради младите и нивната иднина“.
Пред почетокот на средбата Заев за новинарите изјави дека два пријателски и братски народи секогаш мора да разговараат и да бараат решение.
„Решението е некаде околу нас. Мора да го најдеме. Секојпат се надевам дека разговорите ќе бидат успешни, но дури и да не успееме овој пат, сепак ќе направиме чекор напред и ќе се надеваме дека ќе успееме следниот пат“, рече македонскиот премиер пред средбата утрово со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов .
Заев истакна дека мора да се поддржуваме и да си помагаме едни на други. „Мораме да сториме сè за да се поддржуваме и помагаме едни на други. Ние мора да ја поддржиме целокупната иднина на Балканот, а тоа е во Европската унија “, додаде тој.