Блинкен: Зона на забранети летови над Украина ќе доведе до целосна војна во Европа


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека воспоставувањето зона на забранети летови над Украина од страна на САД и нивните сојузници во НАТО може да доведе до „целосна војна во Европа“.

Тој нагласи дека Вашингтон ќе продолжи да работи со своите сојузници со цел да им обезбеди на Украинците средства за одбрана од руската агресија, пренесува Си-Ен-Ен.

– Единствениот начин навистина да се спроведе нешто како зона на забранети летови е да се испратат авиони на НАТО во украинскиот воздушен простор и да се соборат руски авиони, а тоа може да доведе до целосна војна во Европа. Претседателот Бајден беше јасен дека нема да војуваме со Русија, истакна Блинкен на денешната прес-конференција во Брисел, каде што се состанува со европските сојузници по руската инвазија врз Украина.

– Но, ќе работиме напорно со сојузниците и партнерите за да им обезбедиме на Украинците средства за ефикасно да се бранат себеси, и се разбира, секојдневно го гледаме нивното извонредно херојство, како и многу, многу реални резултати во она што тие го прават за да го постигнат тоа, порача шефот на американската дипломатија.