Блинкен на турнеја во Африка, обид да се намали руското влијание на „Црниот континент“


 

Јужна Африка –  Шефот на американската  дипоматија, државнииот секретар Антони Блинкен, денеска пристигна во Јужна Африка, како прв дел од неговата африканска турнеја која има за цел да се спречи влијанието на руската дипломатија, а во која ќе ги посети и Демократска Република Конго (ДРК) и Руанда.

Неговата турнеја следува по јулската африканска турнеја на неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари, ЈАР зазеде неутрална позиција кон конфликтот, одбивајќи да одговори на повикот на Западот да ја осуди Москва.

Блинкен утре ќе се состане со неговата јужноафриканска колешка, министерката за надворешни работи, Наледи Пандор, кога се очекува да се објави новата стратегија на американската Влада за Африка, соопшти официјална Преторија.

Во соопштението се додава дека тие ќе разговараат за „последните случувања поврзани со светската геополитика“.

Стејт департментот претходно соопшти дека целта на Блинкен е да им покаже на „африканските земји дека имаат клучна геостратешка улога и дека се важни сојузници за актуелните прашања на нашето време, од промовирање отворен и цврст меѓународен систем до борба против климатските промени, пандемиите и несигурноста на храната.

По Јоханесбург, Блинкен патува во ДР Конго, а потоа во Руанда. Двете земји доживуваат нови тензии во односите, при што Конго го обвинува соседот дека го поддржува бунтовничкото „Движење 23 март“, што Кигали го негира.

Пред руската инвазија на Украина, САД во Кина го гледаа главниот ривал за превласт и влијание во Африка.