Блинкен: Извршната наредба е клучна за борбата против корупцијата на Балканот


Ентони Блинкен

Американскиот држевен секретар, Ентони Блинкен, во посебна изјава ја дообјасни извршената наредба на претседателот Џо Бајден околу оние што ја загрозуваат демократијата, мировните договори и ја промовираат корупцијата во регионот. Блинкен нагласува дека наредбата го модернизира режимот на санкции со вклучувањето на Преспанскиот договор, но клучот во неа е силната најава на Вашингтон дека ќе се бори против корупцијата насекаде во светот, па и на Балканот. Санкциите против шестмина бугарски функционери и политичари го покажа тоа на јасен начин. Бајден веќе најави дека борбата против корупцијата во светот ќе биде главна задача на неговата надворешна политика.

„Ние сме посветени на борбата против корупцијата и демонстрирање на предностите на транспарентното и отчетно управување. Соединетите Држави признаваат дека корупцијата ја загрозува економската рамноправност, глобалните напори против сиромаштијата и развојот и самата демократија. Корупцијата каде било директно им штети на надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на Соединетите Држави и на нашите партнери и сојузници. Затоа сме посветени на унапредување на отчетноста и борба против неказнивоста за оние кои се вклучени во значителна корупција на Западен Балкан и низ целиот свет“, вели во посебната изјава Ентони Блинкен.

Покрај тоа што наведува дека со санкциите се замрзнуваат имоти на одредени лица, а на некои им се забранува влезот во САД, Блинкен вели: „Нашата заложба за унапредување на демократијата, транспарентноста и отчетноста низ Западен Балкан е непоколеблива и во согласност со стандардите што земјите од регионот мора да ги исполнат за да ги обезбедат своите цели за напредување кон европскиот пат“.