Блинкен и Лавров се сретнаа за првпат по руската инвазија


Во Њу Делхи, на маргините на состанокот на Г-20, се сретнаа рускиот и американскиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Ентони Блинкен. Состанокот, пишува „Њујорк Тајмс“, бил непланиран и се случил откако руската влада ги обвини западните држави за „уцени и закани“.

Блинкен, како што им кажа на новинарите висок американски функционер, му изнел на Лавров три точки: дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината одбрана од Русија „се додека е потребно“; дека Русија треба повторно да се приклучи на новиот договор за контрола на нуклеарното оружје од кој неодамна се повлече и да ги почитува условите и дека Русија треба да го ослободи Пол Вилан, американски државјанин во затвор.

Блинкен претходно, на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20, го повтори силниот повик Русија да се повлече од Украина, обвинувајќи ја Москва за поткопување на меѓународниот мир и стабилност.

„За жал, оваа средба уште еднаш беше нарушена од неиспровоцираната и неоправдана војна на Русија против Украина“, рече тој.

Лавров ги информираше новинарите дека нема да има заедничка изјава, како и по средбите на министрите за финансии поради несогласувањата за војната во Украина. Тој ги нападна западните земји дека го предизвикуваат конфликтот и го поттикнуваат со вооружување на Украина.

Не е потврдено кој ја иницирал средбата. Русите ја потврдија средбата, но истакнаа и дека преговори немало, пренесува „Јутарњи лист“.

По средбата на Лавров и неговиот кинески колега Чин во Њу Делхи, руското Министерство за надворешни работи објави остра изјава во која се вели дека западните држави се мешаат во „внатрешните работи на другите земји, наметнувајќи унилатерални пристапи преку уцени и закани и се спротивставуваат на меѓународната демократизација“.