Блинкен ги нарече „неодговорни“ изјавите на ултрадесничарските израелски министри


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги критикуваше, како што рече, „неодговорните“ и „запаливи“ изјави на израелските министри и пратеници кои повикаа на раселување на Палестинците од Газа.

Блинкен оцени дека на палестинските цивили мора да им се дозволи да се вратат „дома штом ќе има услови“.

„Не може и не смее да се врши притисок врз нив да ја напуштат Газа“, рече Блинкен денеска на заедничката прес-конференција со катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, пренесе Си-Ен-Ен.

Блинкен денеска ќе се сретне со престолонаследникот Мохамед бин Салман од Саудиска Арабија, како дел од посетата на регионот со цел да се избегне ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хамас од Газа.

Потоа ќе отпатува за Израел, а ќе ги посети и Западниот Брег и Египет. Тоа е негова четврта посета на регионот од почетокот на војната на 7 октомври, а ги вклучи и Турција, Грција, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Во Абу Даби, Блинкен разговараше со претседателот на Емиратите, Мохамед бин Зајед, за ситуацијата во Газа, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

„Блинкен ја истакна важноста од итен одговор на хуманитарните потреби во Газа“ и им се заблагодари на Емиратите за „важниот придонес во испораката на хуманитарна помош за цивилите“, рече портпаролот.

Според него, Блинкел инсистирал „на потребата да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот“ и ја повторил посветеноста на Вашингтон да обезбеди траен мир што ќе ја гарантира безбедноста на Израел и ќе го промовира формирањето на независна палестинска држава.