„Блиц“: Трамп сака решение за Косово до јуни

Србија– САД зацртале нов рок за решавање на косовското прашање, а според сознанијата на српскиот весник „Блиц“, администрацијата на Доналд Трамп се обидува проблемот да биде решен до јуни следната година, и поради тоа остро се спротиставува на бојкот на претстојните избори.

Весникот, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека Американците во слендиот период ќе направат сè за да ја убедат српската опозиција да учествува на изборите кои ќе се одржат на пролет, следната година.

– Во полн капацитет американската дипломатија работи на повеќе фронтови со цел договор меѓу Белград и Приштина да биде потпишан до летото 2020 година, тврди изворот на весникот.

Освен зачестените контакти на американските функционери со Белград и Приштина, дипломатите од САД се обидуваат да ги приближат власта и опозицијата во Србија и преку дијалог да дојдат до решение со кое би се избгал бојкот на изборите.

– Кога договорот ќе биде финиширан и кога ќе влезе во парламент, на Американците ќе им биде важно во законодавниот дом да биде и опозицијата. Не е важно како ќе гласа, туку да седат во салата и да гласаат, вели изворот на Блиц.