„Блиц“: САД подготвуваат закон за санкционирање на дестабилизирачките активности на Балканот


Група американски сенатори од Демократската и Републиканската партија презентирале предлог-закон кој има за цел да го поддржи економскиот развој, трговијата и борбата против корупцијата во Западен Балкан, јавува српски „Блиц“.

Според медиумот, станува збор за предлог-закон познат како Закон за демократија и просперитет на Западен Балкан, а заедно со него американските сенатори објавиле и предлог-закон за посебни санкции за сузбивање на дестабилизирачките активности на Западен Балкан. И двата правни акти, кои се поддржани и од демократите и од републиканците, укажуваат дека САД со големо внимание следат се што се случува на Западен Балкан и не само тоа, туку сакаат да влијаат на економскиот, политичкиот и секој друг процес во овој регион.
Демократската сенаторка Џејн Шахин, која ги претставила двата предлог-закони, истакнала дека иницијативата доаѓа како резултат на зголемената загриженост во Западен Балкан поради војната во Украина. Како што рече, клучен е односот на САД кон регионот во овој момент каде што „евидентни се намерите на рускиот претседател Владимир Путин да шири малигно влијание низ Источна Европа“, поради што треба да се зајакне приближувањето на регионот кон ЕУ и НАТО.

– Новиот двопартиски закон ја зајакнува трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, а истовремено се бори против корупцијата, преку усвојување на посебен закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето ова го отвора патот за поширока евроатлантска интеграција – рекла Шахин.

Американските сенатори го гледаат овој предлог-закон како можност за дополнително зајакнување на односите меѓу САД и Западен Балкан, проширување на економските можности и поддршка на напорите за подобрување на демократијата и искоренување на корупцијата.
Исто така, во предлог-законот американските сенатори го поддржаа заедничкиот регионален пазар во Западен Балкан и иницијативата „Отворен Балкан“, која, како што посочуваат, има голем потенцијал за подобрување на економските услови во регионот. Според аналитичарите што ги цитира „Блиц“, иницијативата на шестte сенатори од двете американски партии им дава на Соединетите Американски Држави посилен инструмент за борба против корупцијата и руското и кинеското влијание на Западен Балкан.