Блесна Офицерскиот во Битола – СДСМ го обнови, ВМРО-ДПМНЕ ќе го продаваше (Фото)


Офицерскиот дом е гордост на Битола

Битолчани се идентификуваат со велелепното здание и се горди што неговата убавина повторно ќе го краси градот. Во обновата со грант учествуваше и Европската унија

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Блеснува во нов сјај обновениот Офицерски дом во Битола. Локалната власт го врати грандиозниот изглед на Офицерски во реконструкцијата која траеше речиси четири години. Денеска градоначалничката Наташа Петровска и вицепремиерот Фатмир Битиќи ги отворија вратите на ова велелепно издание, за кое битолчани не се стеснуваат да кажат дека тоа е нашата гордост. Во тек се активности за негово доопремување.

„Радосна сум што нашиот сон за Офицерски е исполнет, да ја чуваме нашата душа во него“, рече Петровска.

Убавината на објектот како во внатрешноста така и екстериерот најдобро е да се доживее, затоа што тешко се опишува какви емоции поттикнува особено кај битолчани. Синоќа на свеченото отворање на ИФФК „Браќа Манаки“, убавите битолчанки во свечени тоалети, прво се фотографираа пред Офицерски, па потоа заминуваа на црвениот тепих.

Офицерски светна со над 200 светилки, грандиозен лустер, витраж на главниот влез и прозорците, нов паркет

Пред пет години тогашната локална власт предводена од Владимир Талески за малку ќе го продадеше Офицерски. По острите  реакции на битолската и воопшто на македонската јавност ВМРО-ДПМНЕ се откажа од идејата. Новата власт предводена од Петровска со грант од Европската унија го обнови Офицерски и го претвори во дом на уметноста. Реконструкцијата чини 59 милиони денари, Општината вложи околу 5,9 милиони денари. Објектот е реставриран по сите стандарди, почитувани се неговите историски карактеристики.

Офицерски светна со над 200 светилки, грандиозен лустер, витраж на главниот влез и прозорците, нов паркет… Надворешноста на фасадата е осветлена и навечер дава посебна магија. Околината исто така хортикултурно се уредува со тревници и цвеќиња, а се поставуваат и патеки со гранитни плочки и коцка.

„Денес е посебен ден за нашиот град, нашиот Офицерски е со вратен сјај како што му доликува, подготвен за низа настани кои ќе сведочат за пулсот на Битола. Тука ќе се случуваат културни настани, музејски поставки, дебати, венчални церемонии, промоции и сѐ она што претставува наше битисување. Офицерскиот беше реалност на едно време, децениска носталгија на секој битолчанец, а денес дел од културното живеење на градот“, рече Петровска и потенцираше дека останала на ветувањето да не се продаде Офицерски.

„Не беше лесно ни едноставно од она време која јасно кажевме НЕ за негова продажба. До подготвувањето на комплетната документација и апликација од страна на Општината која пред да дојдам јас како градоначалник беше одбиена. Следуваа измени во истата и нов процес на аплицирање, потоа на тоа се надоврза имплементацијата. Во оваа пригода сакам да искажам голема благодарност до Европската унија“, рече Петровска.

Синоќа на свеченото отворање на „Браќа Манаки“, убавите битолчанки во свечени тоалети, прво се фотографираа пред Офицерски, па потоа заминуваа на црвениот тепих

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, преку чии кабинет се спроведуваше проектот, рече дека Офицерскиот дом е обновен, а не рушен.

„Се заложивме да го вратиме стариот сјај на Офицерскиот дом и неговата уникатност. Напоменувам се заложивме за негова реставрација, а не рушење и градење на нов и тоа е за прв пат нешто што се случува во Битола. При овој увид можеме да се увериме во неговата архитектонска убавина и импозантност. Да бидеме горди дека во Битола има ваков репрезентативен објект на кој многу може да ни завидуваат“, рече Битиќи. 

Се обнови и чешмата крај Офицерскиот дом со средства од Ротари клубот од Битола. На санацијата ѝ претходеше изработка на основен проект, по кој е издадено конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, согласно одлуката донесена од страна на Советот на Општина Битола.

Годинава се навршуваат 110 години од почетокот на изградбата на Офицерскиот дом во Битола во 1911, кога управник на битолскиот вилает беше Абдул Керим Паша. Поради Балканските војни и Првата светска војна, објектот беше довршен во 1919 година.

Се обнови и чешмата крај Офицерскиот дом со средства од Ротари клубот од Битола