Блерим Река скептичен за отворање преговори со ЕУ во октомври


Албанија – Поранешниот македонски дипломат и кандидат за претседател на последните избори, Блерим Река гледа со скептицизам по прашањето за добивање датум во октомври за отворање преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Гостувајќи во дневникот на тиранската телевизија Ора њуз изјави дека Северна Македонија треба да исполни два услова ако не „ќе се збогува од датумот за започнување на преговорите во октомври“.

Според него станува збор за два критериума поврзани со владеењето на правото, случајот „Рекет“ и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство.

Посочува дека прашањето за членство во ЕУ е и техничко, кое бара стандарди, критериуми, итн. за кои се сомнева дека Македонија ќе ги исполни.

– И во април оваа година реков дека Македонија нема да добие датум во јуни и сега велам, бидејќи е многу тешко да се добие датум во октомври. Зошто? Три држави членки, Франција, Холандија и Германија, не се убедени дека Македонија постигнала напредок во реформирањето на владеењето на правото. Случајот „Рекет “ не беше случај во пресрет на датумот во јуни, тој се обелодени на 15 јули. Ова значи дека сега имаме две ограничувачки лимити за датум. Прво, е расветлувањето на случајот „Рекет“ односно потврда дека земјата има менаџерски капацитет за спроведување на владеењето на правото. Вториот, на 15 септември завршува мандатот на Специјалното јавно обвинителство, изјави Река.

Објасни дека во тек се преговорите меѓу македонската влада и опозицијата за новиот закон за јавно обвинителството, во кое „ќе биде инкорпорирано Специјалното јавно обвинителство“.

– Доколку не се донесе Закон за јавно обвинителство до 15 септември, ќе можеме да му кажеме збогум на датумот во октомври. Со други зборови, јас сум скептичен дека во октомври Македонија ќе добие датум за преговори доколку не ги исполни овие два услова што се поврзани со владеењето на правото, констатира Блерим Река.