Бизнисмените ќе можат онлајн да ѝ се пожалат на Владата


Владата со апел до компаниите да аплицираат за мерките за поддршка на инвестициите и за субвенционирање на платите, а бизнисмените со апел да се намалат административните пречки што им оневозможуваат да работат. На вчерашната средба во Стопанската комора на Македонија, вицепремиерот Кочо Анѓушев дојде да им ги каже последните мерки за поттикнување на конкурентноста а излезе со ветување дека ќе организира канцеларија во која ќе можат онлајн да се јавуваат, да ги кажат проблемите, по што Владата ќе може да реагира.

„Во производството не смее да има чекање и доцнење повеќе од седум дена. Во ред е ова што го прави Владата за да ни помогне, но има многу проблеми што не се решени. И да земеме поддршка од државата, како ќе ја искористиме кога се соочуваме со вакви тешкотии“, рече Мирослав Ѓоргиовски од „Геопром“.

Имаше забелешки и за доцнењето на регулативата во земјоделството, за Законот за пасишта, кој оневозможува долгорочно планирање на инвестиции, а Анѓушев слушна и дека добро е да е субвенционира секундарното производство во земјоделството, но што со веќе уништената суровинската база.

Вицепремиерот ги прифати забелешките согласувајќи се дека администрацијата е бавна и прави проблеми.