Бизнисмените до премиерот Мицкоски: Не сакаме да играме во шеста лига, сакаме во прва


Не сакаме да играме во шеста лига, сакаме во прва, му порачаа бизнисмените денеска на премиерот Христијан Мицкоски. Тие побараа и Владата да го комплетира тимот со искусни економисти.

-Со Владата сакаме да ја направиме најголемата инвестиција, а потенцијал имаме, истакна сопственикот на ИГМ – Кавадарци, Илија Гечев.

Тие побараа да се смени односот кон малите и средните петпријатија, да се мотивираат да бидат извозно активни. Клучно за македонската економија е постојано инвестирање, отворање работни места и извоз. Како што беше речено денеска во Стопанската комора, први сме во носење закони, но со производи и производство не нема никаде.

Фокусот, според стопанството, освен на ова, мора да биде ставен и на енергетиката, посебно на обновливите извори, на базната енергија и на батериите каде се неопходни поголеми инвестиции.

-Право имаме и според закони сме можеби најбогата држава, за извозно активна во регионот со луѓе имаме прво место, а со производи и производство не нема никаде. Извозно ориентираните мали и средни претпријатија треба да бидат главниот фокус или кичмата на нашата економија. Големите фирми во мала економија ако не се извозно ориентирани, ако ги нема во регионот и на светскиот пазар, значи нешто не е добро, да бидеш голем во мала економија само во својата држава, нешто не е здраво. Мора да го смениме односот кон малите и средните петпријатија, да ги мотивираме да бидат извозкно активни, истакна Петар Спасески, сопственик и менаџер на „АСП-пак“ од Охрид.

Уште еден парадокс, рече Спасески, е тоа што земјава троши 200 милиони евра само за извоз на земјоделски производи и храна, а увезува една милијарда.

-Како ќе се прехраниме, како ќе опстоиме како држава?, праша Спасески.

Компаниите на Мицкоски му рекоа и дека е многу важно Владата да го контролира трошењето на парите предвидени за општините.

Премиерот Мицкоски кој ги ислуша барањата и сугестиите на компаниите, рече дека транспарентноста и отчетноста ќе и бидат приоритет на Владата. Наскоро, напомена, преку интернет страница граѓаните ќе можат да гледаат како и за што се трошат парите и на национално и на локално ниво.

-Имаме намера да бидеме ваш партнер и да помагаме. Сакам да ве уверам во тоа. Чуда се невозможни, но тоа што може, ќе го направиме во рамки на Уставот и законите. Наш интерес е домашната економија да се развива, потенцира Мицкоски и ги повика компаниите да аплицираат за 250-те милиони евра, обезбедени од Унгарија.

Тој посочи дека Владата останува партнер на бизнисот и, како што рече, ќе му помага колку може, во рамки на Уставот и законите. Мицкоски ги повика компаниите да се вклучат во реализацијата на капиталните инвестиции на локално ниво и да аплицираат за обезбедената финансиска поддршка, посебно на онаа од Унгарија која, информира, би требало да биде достапна од септември.

Мицкоски ги увери компаниите и дека многу внимателно ќе се следи трошењето на средствата кои ќе им бидат дадени на општините. Парите, објасни, нема да се префлраат веднаш, туку етапно, за што ќе биде потребно локалните самоуправи да доставуваат правна документација, односно соодветни фактури за секоја фаза од проектите.

Се осврна и на унгарскиот заем од кој 250 милиони евра се наменети за стопанството. Информира дека на вчерашната седница Владата ја задолжила министерката за финансии во најскроо време со нејзиниот унгарски колега да го потпише Договорот кој потоа, преку закон, ќе се најде во Собранието. Со бизнисот, подвлече премиерот, ќе се заокружи инвестициска активност од 700 милиони евра. Компаниите, рече, нема да добијат само 250 милиони евра, туку на располагање е и кредитна линија која долго време не се користи, а тоа се дополнителни 100 милиони евра од Европската инвестициска банка. Се разгледува можноста, информира премиерот, Владата да ја плати каматата, за да може бизнисот да ја користи главнината. Мицкоски очекува и фирмите да вложат, барем уште 350 милиони евра, колку што е вкупната помош за нив што ќе влијае на бруто домашниот производ и на пазарот на труд, а ќе отвори и нови работни места.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека стопанствениците од Владата бараат чесност во намерите за соработка и партнерство, како и исполнување на тоа што е ветено – транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот. 

-Ние сме професионална институција што ја интересира единствено добар и поволен деловен амбиент,  фирмите да остварат профит и да отвораат нови работни места. Тоа е консензусот за кој се залагаме години наназад, додека еден ден во септември 2022 година претседателот Мицкоски со голема делегација не дојде тука, не’ поддржа јавно пред медиумите и го потпиша првиот документ на нашата Декларација од 100-годишнината со кој се инсистираше во оваа држава конечно да се направи голем договор за давање приоритет на економијата во наредните 10 години. Со тоа полека политичките прашања да се тргаат на страна и да заземеме курс што е единствено можен, а тоа е да ги подигнеме личните примања и стандардот на граѓаните и на тој начин да се вклопиме таму каде што припаѓаме – на европското семејство, подвлече Азески.

На настанот, покрај бизнисмени – членови на Комората, се и министрите за финансии, за енергетика, за транспорт и врски и за јавна администрација

 

Награда од Комората за Мицкоски

Стопанската комора му додели награда на премиерот Христијан Мицкоски за градење партнерство и заедничко дејствување за просперитетна Македонија.

На денешниот настан по повод 102 години од постоењето, Комората им врачи награди и на бизнисмени во различни категории.

Како што рече претседателот на Комората, Бранко Азески, Мицкоски го поддржувал бизнисот и додека бил во опозиција.

-За мене ова е голема чест, но и одговорност. Изминативе први 30 дена оставаме срце на терен за да направиме нешто. Настапуваме патриотски, тоа што е интерес за граѓаните е и наш интерес, работиме посветено, не се штедиме, истакна Мицкоски во обраќањето пред присутните, изразувајќи благодарност за наградата.