Бизнисмени во трка за градоначалничката фотелја во Битола


Христо Кондовски и Џери Наумоф

СДСМ ќе игра на картата на младиот и успешен бизнисмен Христо Кондовски, додека пак, адутот на ВМРО-ДПМНЕ, наводно е поранешниот министер во кабинетот на Груевски, Џери Наумоф, иако не се исклучува да го предложат угостителот Никола Трпеновски

Анета Блажевска
БИТОЛА – Бизнисмени ќе ја водат битката за градоначалничката фотелја во Битола. Христо Кондовски е кандидат за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ. Партиски извори потврдуваат дека лидерот на СДСМ Зоран Заев решил да игра на картата на бизнисот и така да ги освои потребните гласови за победа на партијата на претстојните локални избори во Битола. Со оваа одлука Заев ѝ ја скрати шансата за втор мандат на актуелната градоначалничка Наташа Петровска, иако и самиот ја фалеше кажувајќи дека „сработила за три мандати“.
Кондовски е млад бизнисмен со завршен Економски факултет во Прилеп. Тој се смета за успешен деловен човек во областа на осигурувањето како основач на осигурително брокерско друштво. Долгоочекуваната одлука на лидерот Заев кого да предложи за кандидат на претстојните локални избори, битолчани ја доживееја како „внатрепартиско натегање“ зашто општинската организација се подели во ставот кој треба да биде кандидат за градоначалник, едни беа за Петровска, други за Кондовски, трети за Горан Козаров.

Со оваа одлука ѝ се скратува шансата за втор мандат на актуелната градоначалничка Наташа Петровска, беше фалена дека „сработила за три мандати“

Она што сега ги чека социјалдемократите во Битола е да успеат во кусиот временски период за кампања да го наметнат Кондовски како победнички лик и да го сплотат раскараното и поделено членство, зашто многумина не го перцепираат Кондовски како дел од партијата.
Партиски извори, пак, од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека и тие ќе понудат бизнисмен наспроти кандидатот на СДСМ и со тоа ќе успеат да ја вратат власта на локално ниво. Скриениот адут на вмровците кој успешно плива во осигурувањето, но овој на светско ниво, наводно е поранешниот министер во кабинетот на Груевски Џери Наумоф, со потекло од битолското село Ѓавато, човек кој има меѓународно искуство и професионален ангажман во повеќе реномирани компании во САД.
Наумоф е основач и претседател на „Наумоф Груп ИНК.“ во Чикаго, Илиноис, консултантска компанија за управување со тотален ризик, која работи од 1993 година. Компанијата на Наумоф велат дека успешно работи во областа на осигурувањето и пензиските фондови.

Во Битола покрај партиските листи досега е потврдено дека ќе има и три листи на независни советници

Но, партиски извори од опозицијата не ја исклучуваат можноста во трката за градоначалничката фотелја да го предложат и угостителот Никола Трпеновски сопственик на ресторан и хотел „Капри“. Трпеновски важи за еснаф човек кој долги години успешно плива во делот на угостителството и хотелиерството.

Никола Трпеновски важи за еснаф човек кој долги години успешно плива во делот на угостителството и хотелиерството

Во битката за градоначалнички мандат со сигурност влегува и Горан Милевски, лидер на ЛДП, актуелен министер за локална самоуправа. Либерал-демократите имаат и своја листа на советници заедно со ДОМ за која се поизвесно е дека ќе ја предводи актуелниот претседател на Советот на општина Битола Валентин Груевски.
Битолчани имаат шанса да гласаат и за независниот кандидат за градоначалник Зоран Лазаровски-Паљо. Бодибилдерот Лазаревски како независен кандидат едвај успеа да ги собере потребните гласови.

Во битката за градоначалнички мандат со сигурност влегува и Горан Милевски, лидер на ЛДП, актуелен министер за локална самоуправа

Во Битола покрај партиските листи досега е потврдено дека ќе има и три листи на независни советници.
Тоа се група избирачи чии носител е Габриела Илиевска, втора група избирачи чии носител за прв пат е Ром, Ремзи Медиќ кој долго време е во невладиниот сектор, и листата на Ристенка Алтипармаковска актуелен советник од ДОМ во Совет на општина Битола.