Бизнис секторот го „држи за збор“ премиерот Заев, но има очекувања и од Пендаровски


Новоизбраниот претседател на државата да ги откочи внатрешните процеси што се во негов домен, да ги подобри надворешните комуникации, но и да даде зелено светло за законите што долго време останаа непотпишани од страна на поранешниот шеф на државата, а се од исклучителна важност за бизнис заедницата.

Ова се очекувањата на компаниите по завршувањето на изборниот циклус за претседател, откако во вториот круг, на 5 мај, Стево Пендаровски ја доби довербата од граѓаните.

Тие имаат различни пораки и ставови во однос на „меѓупериодот“, до следните редовни парламентарни избори, што треба да се одржат за само година и половина од сега. Прекратко ли е тоа време да се консолидираат, да ги реализираат планираните активности, да почнат нови инвестиции, засилено да тргнат кон освојување нови пазари,… Ќе биде ли ова навистина економска година како што најави премиерот Зоран Заев…

Генерална е оценката која постојано се провлекува и се кажува јавно, дека во услови кога имаме избори, деловната заедница е во неможност навреме да ги спроведува своите бизнис одлуки и планови поради застој во функционирањето на администрацијата, но и поради непредвидливиот амбиент – во кој правец ќе се одвиваат економските политики што би имале рефлексија врз стопанството.

-Мора максимално да се искористи наредниов период до редовните парламентарни избори, согласно укажувањата на премиерот дека оваа ќе биде економска година, особено ако се земе предвид дека досегашните показатели и тоа како упатуваат дека изборните циклуси имаат сериозни влијанија врз економските перформанси. Ако досега фокусот беше ставен на НАТО и евроинтеграциите, следниот период е за очекување дека ќе се реализираат сите укажувања, предлози и иницијативи доставени од бизнис заедницата и дека ќе наидат на соодветен слух кај носителите на економските политики за да има исчекор во создавањето позитивни резултати и позитивна клима која е и статистички потврдена во првиот квартал од оваа година, вели в.д. извршниот директор на Стопанска комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ.

Според неа, ако бележиме раст на индустриското производство и на извозот, и во периодот што следи компаниите ќе се насочат кон зголемување на обемот на производството. Но, притоа е многу битно и ќе треба поинтензивно да се работи на изнаоѓање нови пазари каде ова производство би се пласирало.

-Фокусирани сме на исти земји и пазари, тешко оди процесот на отворање нови. Ако сакаме поголем исчекор и подобри резултати заедно со државата мора да работиме во овој правец, порачува Пеева Ѓуриќ и додава дека интенција на Комората е од сегашните 55 отсто учество на извозот во БДП да дојдеме до 70 проценти.

Македонско-руската стопанска комора очекува „коректна, чиста година“ за бизнисот во која непречено ќе се одвиваат економските дејства и активности без какви било влијанија и застои.

-Наша оценка, а верувам и на целата бизнис заедница, е дека во интерес за сите беше претседателските избори да завршат како што завршија, со избор на шеф на државата. За нас, како Македонско-руска комора, тоа е многу важно зашто во првите три месеци од годинава извозот е зголемен за 41,1 отсто, а увозот е намален за 3,3 проценти што се добри показатели дека бизнисот со Русија се враќа на вистинските „шини“. Во оваа смисла, согласно синтагмата „ако утрото по денот се познава“, очекуваме годината да ја заокружиме со уште подобри резултати. Исто така е многу важно што плановите можеме да ги спроведуваме и практично, европски да се движиме напред, нагласува извршниот директор, Дејан Бешлиев.

Ако премиерот вели дека оваа година ќе биде економска, дополнува Бешлиев, тогаш како бизнис заедница мора максимално да се потрудиме и да тргнеме по вистинскиот, економски пат.

За претседателот на Стопансата комора Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемоски, периодот до следните редовни парламентарни избори ќе биде време на земање здив, стабилизација, соземање, суочување сами со себе и создавање тактита за натамошен развој.

-Нереално е да се очекува спектуларен економски раст веднаш. Пред нас се парламентарните избори во ЕУ, на 29 мај се очекува објавување на ЕУ Извештајот за прогрес на земјата со насоките, се очекува финиширање на процесот на влегување во НАТТО. Всушност, во регионот и во нашето непосредно окпкружување има политичка динамика која бара внимателност во носењето на подолгорочните деловни одлуки. Верувам дека активноста на новоизбраниот претседател ќе ги откочи некои од внатрешните процеси и ќе ги подобри надворешните комуникации, што ќе има политички и економски бенефит, вели Адемоски.

Тој укажува и дека до следните избори земјава треба да поработи на „средување ” на администрацијата во смисла на нејзината компетентност, ефикасност и конзистентност во практицирање на државата.

-Треба да се има оптимизам, веднаш и одлучно да се реагира на проблемите, а приватниот сектор да не  се „стега“ да ги артикулира потребите за подобар деловен и инвестициски амбиент и сам да биде проактивен и да даде придонес за негово унапредување. Шанси имаме, само треба храбро да ги менаџираме, потенцира Адемоски.

Воедно потсетува дека трговската размена со Република Турција во првите три месеци споредено со истиот период минатата година, бележи раст од само 5,5 отсто, увозот е зголемен за 7,3 проценти, но извозот е намален за два отсто.

-Лани, поради политичката систуација, немавме ниту една посета на турска бизнис делегација. Оваа година веќе реализиравме една, од Бандирма, од регионот Мармара, за јуни се најавени од Мардин и Амасија, а во септември од Измир. Ги подготвуваме посетите на македонските бизнисмени на две интернационални самски Б2Б средби во јуни и октомври во Коџаели, силен економски регион во Турција. Подготвуваме со Владата роуд-шоу во Турција во четвртиот квартал. Веруваме дека сите овие активности ќе ги охрабрат македонските компании за македонско-турските партнерства и дека тоа ќе се одрази на зголемување на трговијата – од досегашните 520 милиони американски долари кон една милијарда во наредните пет години, напоменува претседателот на МАТТО.

Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) оценува дека завршувањето на време на изборите за претседател на државата е позитивен момент за бизнис заедницата зашто нема да има одлевање на силите за кампањи, туку само за, како што велат оттаму, реалните работи.

-Бизнис заедницата чека неколку закони кои долго време останаа непотпишани од страна на поранешниот шеф на државата. Еден од нив се промените во Законот за финансиска подршка на инвестициите како многу важен за компаниите, но има и ред други закони. За деловната заедница од најголема важност е да нема скоро изборен циклус бидејќи во ваква кревка состојба на економијата не можат да трпат уште еден изборен циклус, истакнува извршниот директор на СКСЗМ Дрилон Исени. (МИА)