Бизарна неодговорност: Во Битола четири месеци не може да се полага за возачки испит
Оние што треба да полагаат за возачки испит треба да одат во Охрид, Кавадарци или Кичево. Граѓаните се револтирани поради големите трошоци, не може да разберат како државата (МВР) досега не успеала да најде оператор. Гнев во авто-школите

БИТОЛА – Полни четири месеци Битола и општините од Пелагонискиот регион се без Испитен центар за полагање возачки испит, откако на 15 декември лани заврши договорот со претходниот оператор. Од МВР денеска на поставени прашања од „Независен“ одговорија дека токму денес бил распишан нов оглас за избор на правен субјект за добивање на лиценца за испитен центар во Битола.
Големи штети трпат бројни млади луѓе од Битола и регионот кои за да полагаат за возачка дозвола треба да патуваат до најблиските општини каде има лиценциран испитен центар, како на пример во Охрид, Кичево, Кавадарци. Значани штети трпат и авто-школите.
Една битолчанка целата оваа бизарна и неодговорна ситуација ја објаснува со зборовите: „Ете, затоа младите возат без возачка дозвола“.
Со ова ситуација се засегнати градовите Битола, Ресен, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Македонски брод, Кривогаштани, Пласница, а и помалите општини Новаци и Могила.
Проблемот се провлекува во петтиот месец, а со оваа замрзната ситуацијата се засегнати бројни семејства од Битола. Ако треба да се објасни пластично, тоа би значело дека ако налето и напролет се запишуваат матуранти, само од нив таа бројка на засегнати би изнесувала над 1.000 кандидати. Вкупните трошоци за една возачка дозвола изнесуваат околу 42.000.
„Ова е брука, важно парите ги уплативме сега ќе чекаме да ни помине рокот за пак да ни ги земат парите“, велат граѓани и на социјалните мрежи и бараат информација што им се признава од веќе положеното, каде да одат да се информираат, во кој град, колку ќе им треба за трошок и слично.
Родител на матурант од Битола за „Независен“ вели: „Дали во моментот МВР има преодно решение со кое ќе се спречат дополнителни финансиски оптоварувања на кандидатите за полагање на возачки испит во соседните градови, а со тоа ќе им се овозможи и непречено работење на авто школите, имајќи предвид дека положените тестови, полигон и градско возење, се со одредена важност како и лекарското уверение. За некои се многу пари пак да даваат 1.650 денари за лекарско уверение“.
Друга битолчанка налутено додава: „Луѓето што ги носат одлуките изгледа не помислиле дека ние не ги береме парите како ливчиња од дрво. Кај што платите се минимални, скапотија невидена, си сторил напор да му дадеш пари на детето за да полага за возачка и излегува кочница. Една работа да не можело да се истера до крај, без непотребни нервози. Дај некако нека се договорат да си оформат комисија и да се тераат работите како што би требало да се тераат во секој нормален свет, без сопки и без нервози“.
Меѓу бројните реакции битолчанец пишува: „Се ‘мења’ постава, се ‘мења’ бизнисот за полигон кој носи големи пари, кој да го земе, под кого да е комисијата, таму се големи пари. Често ова се случува низ годините. А таман на момент помислив дека после Кочани, искрено ќе почнеме да работиме на вистинските вредности чесно…“
Од друга страна големи проблеми во работењето и штети трпат авто школите. Во Битола ги има шест на број, а вкупно во сите засегнати општини кои се под Секторот за внатрешни работи Битола се над 100 вработени, од кои дел инструктори, предавачи на теорија, членови на комисии за полагање.
„Независен“ разговараше со раководители на авто школи кои искажаа голем револтот од настанатата ситуација, а засега немаат позитивни сигнали за надминување на состојбата.
„Крајно нарушена е работата на авто-школите. Се раѓаат сѐ поголеми проблеми, уписите се слаби. Револтот кај граѓаните е преголем, има недоверба кај младите во институциите“, велат нашите соговорници.
Ситуација ја објаснуваат на следниот начин, ако еден кандидат треба да патува во Охрид или Кавадарци за полагање на тест, полигон и градско возење тоа значи минимум шест пати патување бидејќи пред полагањето мора да одат во другиот град да се пријават.
„Значи ситуација не е едноставна, пред да се полага мора да се пријават, тоа значи патување и трошок, напред – назад и тоа не само на кандидатот туку и на неговиот родител. Значи родителот треба да земе ден од работа. Не е сеедно, многу е комплицирано. Буквално се навраќаме на истата ситуација како пред пет години кога битолчани немаа долги години полигон, па кандидатите патуваа во други градови. Овде се работи за многу сврзани проблеми кога еден проблем продуцира низа други“, објаснуваат од авто-школите.
За нив веќе е проблем и обезбедувањето на плати за вработените оти младите се одвраќаат од намерата да се запишат за добивање на возачка дозвола, па немаат прилив на средства.
„Ваквата ситуација пред сѐ не е во прилог на граѓаните, а потоа и на авто-школите. Чекаме, се надеваме на сите градоначалници заедно да помогнат за надминување на проблемот. Чекаме час поскоро да се објави тендерот и да се избере фирмата“, велат од авто-школи од регионот.
Од прес службата на МВР денеска информираат за нова постапка за избор на правен субјект за Испитен центар.
„Денеска (9.4. 2025) МВР распиша нов оглас за избор на правен субјект за добивање на лиценца за Испитен центар Битола. Воедно ве информираме дека по однос на претходно спроведениот конкурс за избор на правно лице за добивање на лиценца за Испитен центар Битола од страна на Комисијата за разгледување на поднесените барања, а по направената темелна евалуација, беше констатирано дека правните субјекти што поднеле пријави не ги исполнуваат конкурсните барања, односно пропишани услови утврдени со конкурсот, а согласно позитивните законски и подзаконски нормативи од таа област“, соопшти МВР за „Независен“ .
Ваквиот одговор е малку чуден, затоа што од авто-школите велат дека на претходните конкурси аплицирала и фирмата која до декември имала лиценца за испитен центар. Па, се отвора прашањето како таа работела претходно и дали тогаш ги исполнувала, а не ги исполнува сега.
Инаку денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски, соопшти дека за проблемот со Испитен центар во Битола разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал најбрзо можно завршување на постапката. Во меѓувреме најави субвенции од 6.000 денари за полагање на возачки испит за младите од Општина Битола, а планираните средства да влезат во ребалансот на буџетот.