Битолско „Стрежево“ загуби 1 милион евра во судски спор со ЗК „Пелагонија“

Во 2015 година свлечиште кај селото Драгарино направи голем дефект на главниот доводен канал за вода и илјадници хектари останаа без наводнување


ЈП „Стрежево“ е под капа на државата

 

БИТОЛА – Државното претпријатие Хидросистем „Стрежево“ Битола загуби судски спор од Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола во висина од 1 милион евра. Сумата ќе биде уште повисока кога ќе се вклучат каматите и судските трошоци, при што првичната сума ќе се зголеми за уште неколку стотици илјади евра. Ова е една од ретките пресуди каде јавно претпријатие треба да исплати толкава сума на пари кон приватна фирма.

Проблемот потекнува од 2015 година, кога во февруари се појави големо свлечиште кај селото Драгарино и сериозно го оштети главниот канал за довод на вода и цевководот на ХС „Стрежево“ од кој со технолошка вода се снабдуваат РЕК „Битола“ и индустриската зона како и плодните пелагониски ниви. Во летото истата година свлечиштето направи проблем на водоснабдувањето поради што и Битола имаше рестрикции за вода, а не, пак, нивите во Пелагонија. Свлечиштето беше санирано во летото 2018 година.

Станува збор за дел на системот кој е од стратешко значење, за што беше потребно ангажирање на сите стручни служби од претпријатието и експерти од Градежниот факултет во Скопје за негова санација. Овој голем и горлив проблем тогаш доби и политичка конотација, па политичари од власта и опозицијата се редеа пред каналот – едни да ветуваат брза санација, други да обвинуваат за невидена негрижа. 

Сега стаса сметката која треба да ја плати државното претпријатие „Стрежево“.

По неколку години судење, во пресудата од битолскиот Апелациски суд донесена на 11 јануари годинава, стои дека државното претпријатие „Стрежево“ треба да му надомести штета на ЗК „Пелагонија“ во висина од 60.831.254 милиони денари и плус законска казнена камата, како и  трошоци од над 800 илјади денари. Ова одлука значи почеток на исплата на штетата на конто на ЗК „Пелагонија“. 

Во јуни 2015, бил склучен договор меѓу „Стрежево“ и ЗК „Пелагонија“ за снабдување со вода за наводнување на земјоделските површини, и тоа пченка на 3.125 ха, потоа имало луцерка, сено на површина од 469 ха, сирак силажа 100 ха и вишни на 34,50 ха. Но, поради поплавите настанале низа изместувања на состојбите. Во одлуката стои дека за вишните нема да има обештетување оти бербата завршила претходно.  

„Во средината на јуни 2015 имало прекини на вода од два до три дена на одредени цевководи, а од 5 јули во одредени периоди во каналската мрежа тужениот испорачувал вода со намален притисок, додека пак во определени периоди во цевководите воопшто немало вода за наводнување поради што тужителот не бил во можност да ги наводнува културите на површините планирани за наводнување“, се наведува  во пресудата. Според неа, „Стрежево“ го известил ЗК „Пелагонија“ неколку недели подоцна дека заради дефект на главниот доводен канал нема да биде во можност да испорачува вода за наводнување сѐ до санирање на дефектот кој се случил заради свлечиште на главниот доводен канал. Така, штетата што ја претрпел Комбинатот била извлечена со споредба на приносите во 2015 со извештаите од последните 3 години и било потврдено дека таа изнесува над 1 милион евра. Вештите лица за проценка на штети утврдиле дека од 100 дена колку што во просек се наводнува пченката, дури 56 дена пченката останала жедна. 

Пресудата на Апелацискиот суд за овој случај е комплексна, а она што е интересно е што фактот за причинетата штета на посевите на ЗК „Пелагонија“ не била спорна за „Стрежево“ уште пред започнувањето на овој спор, бидејќи и двете страни заеднички до Бирото за судски вештачења и до Агенцијата за поттик и развој на земјоделието побарале стручно согледување и утврдување на причините за висина на приносите од пролетните култури за реколтата 2015 на парцелите на ЗК „Пелагонија“, кои биле под системот за наводнување.

Подолу во пресудата пишува: „Притоа тужениот со неговото учество во преговарањето и изготвувањето на стручната анализа и прифаќањето на начинот на којшто ќе се врши истата, односно според приносната метода, се согласил со начинот на утврдување на штетата“.

Исто така во пресудата стои и дека „Стрежево“ во врска со дефектот на доводниот канал поради настанатото свлечиште „не ги презело потребните дејствија за да се утврди постоење на виша сила на која се повикал и првостепениот суд“.   

Во 2015 година со „Стрежево“ раководеше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Героски, додека сега со претпријатието управува Менде Граматковски, кадар на СДСМ. Акции во ЗК „Пелагонија“ во тоа време имаа Орце Камчев и Цветан Панделески, кои се дел од истрагата на обвинителството во случајот „Империја“.

„Независен“ испрати прашања по маил до Граматковски и „Стрежево“ дали судскиот спор и обесштетувањето на ЗК „Пелагонија“ со оглед на висината на пресудената штета ќе предизвика финансиски проблеми и последици врз работењето на јавното претпријатие. Дали обесштетувањето започна и дали има простор за стравување кај вработените дека не ќе можат редовно да земаат плата, но до овој момент нема одговори. Останува отворено и прашањето  дали Владата е запозната за пресудата и дали ќе заземе став со оглед на тоа што претпријатието е во државна сопственост, а вакви пресуди со милионски суми штети во денари не се случуваат често.