Битолските конзерватори почнаа со реставрацијата на црквата во Курбиново


БИТОЛА – Со обивање на малтерот на северниот ѕид битолските конзерватори започнаа со реставрација на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Курбиново.

Од Завод и музеј Битола потврдуваат дека од понеделникот под надзор на стручна екипа започнаа работите на терен на надворешните ѕидови од црквата. Црквата која се смета за своевидна македонска Сикстинска капела со години наназад се распаѓа – како архитектурата така и фрескоживописот каде се  насликани едни од најстарите и највредните зачувани фрески од 12 век. Севкупната негрижа го доведе во опасност ова непроценливото културно наследство.

„Во овој момент се работи на терен со  конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата на црквата ‘Св.Ѓорѓи’ во Курбиново. По оградувањето на градилиштето и другите подготвителни работи се започна со обивање на малтерните површини на ѕидовите, а во моментот се работи на северниот ѕид по што ќе се пристапи кон нови фази за конзервација на архитектурата“, ни изјави Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола.

Текот на работите ќе зависи од временските услови, а засега нема ограничување на рокот кога треба да заврши конзервацијата, вели Стојанова.

Многу министри за култура досега ветиле конзервација и реставрација на црквата, ама за жал на терен немаше резултати.

Сега реставрацијата на црквата е поддржана од Министерството за култура и е ставена како приоритет за 2021 година.

„Во рамки на буџетот за култура следната година отвораме нова програма, наречена ‘Културно наследство во опасност’ за која се издвоени 12 милиони денари. Во поглед на остварување на приоритетите во заштитата, црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во Курбиново е на врвот“, рече министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција посветена на буџетот за културата за 2021 година.

Минатиот месец министерката најави дека германски експерти за заштита на културно наследство се вклучуваат во реставрацијата на црквата, но бидејќи државата е во црвена зона поради бројките на заболени од корона вирусот, експертите од Германија не можат да дојдат веднаш.

Директорката Стојанова вели дека во оваа фаза на работите не е потребно присуството на германските експерти, туку тогаш кога ќе се влезе во црквата кога ќе се работи на заштита на ѕидното сликарство. (А.Б.)