Битолскиот театар со „Ричард трети“ патува на фестивалот „Бабелфаст“ во Трговиште, Романија


Претставата која ја освои публиката и жирито на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ и беше избрана за најдобра претстава на истиот, „Ричард трети“, од Вилијам Шескпир во режија на Мартин Мирчевски, ќе биде дел од фестивалот „Бабелфаст“ во Трговиште, Романија , каде Народниот театар од Битола ќе настапи на 07.06.2026 година.

Главните прашања во оваа претстава се: Зошто имаме потреба да се самоуништуваме ние како вид? Зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние всушност не живееме, ние преживуваме. Треба да се запрашаме колку се гледа некоја хуманистичка перспектива меѓу луѓето, дали гледаме само за себеси, дали нешто не интересира од нашиот тесен круг, дали само ние ако сме среќни, а другите околу нас не се, дали сме ние потполно среќни.

Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски.

Преводот го направи Драги Михајловски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија Андреј Ѓоргиевски – Папаз и Марија Пупучевска. Шминка и специјални ефекти: Стефанија Илиевски, Суфлер Гордана Михајловска, инспициент Димитар Михајловски, автор на плакат Здравка Мирчевска.