Битолскиот театар со „Бакхи“ ќе настапи во Нови Сад


Ансамблот на НУ Народен театар-Битола гостува во Нови Сад каде вечер во најстариот српски професионален театар ќе ја изведе претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ од Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица.

Со настапот на битолските актери, во Нови Сад и Белград, се заокружува културната манифестација „Игорови денови“, омаж  посветен на прерано починатиот млад режисер Игор Вук Торбица со кој соработуваше и театарот од Битола и за чија претстава „Бакхи – краток преглед на распадот“ во 2019 година на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и минатата година на Интернационалниот фестивал „Стоби“ ги доби највисоките признанија вклучувајќи ги и наградите за најдобра режија.

На сцената на српскиот народен театар во Нови Сад, основан на 28 јули 1861 година, вечер ќе настапат актерите Маја Андоновска Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.