Битолскиот театар гостува на регионален Фестивал на современ театар во Суботица


Ансамблот на НУ Народен театар-Битола гостува на меѓународниот регионален Фестивал на современ театар кој по 13. пат се одржува во Суботица.

Годинава фестивалот се одржува под мотото „Историјата и Ти“ со учество на 16 театарски претстави со исто толку театри од повеќе држави, а битолските актери ќе ја изведат претставата „History of motherfuckers“ по Кориолан од Влијам Шекспир, а во режија на Андраш Урбан.

-Претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница. Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ни Шекспировата драма ни ликот. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се сложуваме со сė што кажува. Но едно е сигурно. Тој не е ние. Тој за нас кажува она што ние за себе не смееме. Во историјата секогаш зборуваме за разни motherfuckers кои биле грди, глупави, зли, кои некако ја зезнале работата и не спречиле да уживаме во крајно совршено опшество полно добрина, благосостојба, слобода, сигурност и вечно победнички војни. Народот, граѓаните секогаш се само лик без можност да одговараат. Тој нејасен поим како некаков апстрахиран октопод никогаш не значи збир на поеднинци. Како да не е идивидуата таа која го пополнува гласачкото ливче, како да не е таа која го става во гласачката кутија. Народот не е одговорен. Како да не е народот тој што ги бира сите оние кои ги мразиме и ги сметаме одговорни за сė. Народот се одрекува од одговорноста бидејќи со помош на гласачкото ливче му ја предава на некој поединец. Барем на четири години. А истиот тој народ за себе говори дека е изманипулирана маса. Мнозинството е закон, нагласува во својата режисерска реч Урбан.

Пред публиката во Суботица утревечер на театарската сцена „Јадран“ ќе настапат битолските актери Иван Јерчиќ, Соња Михајлова, Викторија Степановска Јанкуловска, Сандра Грибовска и Николче Пројчевски.