Битолскиот музеј го обнови Пациото во турската касарна со европски пари

Пациото е атрактивен сценски дел, кој се користи за настани на отворено, особено во летниот период. Досега беше во очајна состојба


Обновениот простор внатре во зградата на музејот

 

БИТОЛА – Битола сепак се обновува со европски пари, а успешноста на активностите по сѐ изгледа зависи од двојните аршини на локалните политичари.

Денеска во Битола свечено ќе биде промовиран новиот лик на Пациото, простор  во Завод и музеј Битола, чија обнова е во рамките на истиот проект „Smart4You2“,  за кој мнозинството во Советот на општина Битола предводено од СДСМ, „Поинаку“, ДОМ и Левица ја закочија изградбата на велопатеките. Во Битола доаѓа евроамбасадорот Дејвид Гир, кој потврди пред советниците дека дал дозвола за пренамена на средствата и изградба на велопатеки.  

Завод и музеј Битола денеска пред настанот објави дека е завршена реконструкцијата во Пациото и дека „за прв пат е поместен и лапидариум кој претставува уште еден нов, изложбен простор, во кој посетителите за прв пат ќе може да видат дел од мермерните споменици и надгробни стели кои досега се наоѓале во музејските депоа. Во овој простор се изложени дваесетина споменици кои се откриени во различни временски периоди и на различни локалитети во Битола и битолско, а најголемиот дел од нив датираат од периодот помеѓу I-III век од н.е. Проектот Smart4You2 е кофинансиран од Европската унија, во рамките на третиот повик за предлози во рамките на Прекуграничната програма Македонија –Албанија во рамките на распределбите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) за 2018 година – 2020 година“.

Пациото е простор во склоп на зградата на Завод и Музеј Битола, некогашен објект од турската касарна во Битола, која има квадратен облик, а во внатрешноста се наоѓа токму Пациото и е отворен простор. Пациото е атрактивен сценски дел, кој се користи за настани на отворено, особено во летниот период. Досега беше во очајна состојба, цементирана подлога со дупки и нерамнини, без соодвено осветлување.  

Во реализацијата на проектот Smart4You2 се вклучени вкупно пет партнери од двете соседни земји и тоа: Општина Битола – Водечки партнер, Општина Пустец, Албанија, Завод и музеј – Битола, Регионален директорат за културно наследство – Корча, Албанија  и Младински културен центар Битола.  

Додека Завод и музеј Битола се пофали од проектот за прекугранична соработка, проектот со велопатеките добива нова димензија, па советниците од СДСМ објавија дека се случува –„скандал поврзан со пари на Европската унија“ и поднесоа информација со докази за сомнеж за сторени кривични дела кои државата ги гони по службена должност за градоначалникот Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски.

„Овие двајца самопрогласени ‘газди’ на Битола најверојатно заради недостаток на реални проекти за градот, тргнале да прикажат пред ЕУ дека имаат овластување за пренамена на веќе обезбедените европски пари за реконструкција на објектот ‘Парк’ за замислени велосипедски патеки само и само да стигнат по секоја цена до пари кои не ги добија на располагање со последниот ребаланс на буџетот оти во тој момент немаа никаков реален проект“, рече советничката од СДСМ, Мирјана Ралевска-Захариевска. Со неа пред ОЈО Битола не беа советничката Анастасија Трајковска, архитект која претходно ги бранеше ставовите на СДСМ за велопатеките, ниту советниците од „Поинаку“ и Левица кои во Советот гласаа против. 

На ова градоначалникот Коњановски одговори –„Додека општината и општинските служби вложуваат максимални напори да реализираат активности со кои ќе се подобри животот на битолчани и тоа според европски стандарди, за што имаме голема поддршка и од ЕУ, СДСМ неуморно се обидува да ги закочи сите иницијативи дури и по цена на губење на европските пари.

Со целосна одговорност ја сметаме поднесената кривична пријава како деструктивен обид за собирање на евтини политички поени кои сите нас, а особено граѓаните на Битола ќе не чинат многу скапо“, реагираше Коњановски.

По ова ОО на СДСМ Битола на Фејсбук ја објави комплетната информација адресирана до ОЈО Битола и прејудицира-„Вистинското прашање не е дали некој сака велосипедски патеки во Битола, туку кој ќе ги изгради оти неизвесно е до кога градоначалникот Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски ќе бидат на слобода!“, напиша партијата на ФБ.

Граѓанската иницијатива „Битола на Точак“,  на последните случувања реагира дека – „Проектот за велопатеки и проектот за нов парк во Нова Битола и др. налик слични се проекти за кои мора да се поддржуваат со консензус и тоа без никакви одлагања оти вистинското време за овие проекти беше пред 20 години“.