Битолскиот музеј блесна во нова жолта фасада

БИТОЛА – Во ново руво е зградата на битолскиот Завод и Музеј и ги привлекува сите погледи на минувачите, особено навечер со амбиенталното осветлување. Предниот дел од некогашното воено училиште во Битола каде се школувал и творецот на модерна Турција, Кемал Ататурк во изминатиот период имаше бледа крем нијанса, а сега е во впечатлива жолта боја, додека страничниот дел од објектот има исто така нова фасада и светла нијанса на жолта боја. Со најновите зафати на врвот на фасадата е конзервиран и отомански грб.
Новата боја на фасадата значително е појака од претходно.
Директорот на Завод и Музеј Битола, Зоран Николовски за „Независен“ вели дека „сегашната нијанса на жолта боја е добиена со претходни сондажни истражувања.“
Инаку според Николовски – „Вредноста на градежните работи, на главната фасада на НУ ‘Завод и музеј од Битола’, изнесува 1.400.000 денари. Во оваа сума покрај градежните зафати е вклучена и конзерваторска обработка на отоманскиот грб на врвот на фасадата.“
Покрај фасада, ќе се уредува и дворот од предната страна на Музејот. Деновиве беа исечени две зимзелени дрвја, едно заради исушеност, а друго од безбедност бидејќи било значително навалено и преставувало опасност за посетителите и туристите во Музејот.
„За оваа година е аплициран и добиен проектот (од Министерство за култура и туризам) за хортикултурно уредување и лапидариум во дворната површина пред Музејот. Со тоа ќе се заокружи целокупниот впечаток на зградата на НУ ‘Завод и музеј од Битола’“, истакна Николовски.
Пред две години со европски пари беше реконструирано и Пациото во НУ „Завод и Музеј Битола“.
Експертите заклучиле дека со своите димензии објектот во кој е сместен битолскиот Музеј е монументална градба, и е одраз на градежните достигнувања во тоа време во овие области и воедно таа е единствената историска градба од овој тип во Македонија.
Инаку, историски, објектот бил изграден како средно воено училиште (Идадиe) во 1848 година, кога Битола бил воен, административен, политички и трговски центар на европска Турција. Средното воено училиште постоело до 1900 година, кога било трансформирано во Воена академија и како такво работи до 1909 година. Од 1909 до 1912 година служеше како високо воено училиште – воена гимназија.
Токму поради овој дел од историјата туристите од Турција се најбројни во Битола, во посета на спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк – основачот и првиот претседател на модерна Република Турција. (А.Б.)