Битолскиот гасовод уште неизграден ја пламна политичката клима во градот


Тони Коњановски доби 24.708 гласови од битолчани

Општината работи на проектите и ги чека насоките од Владата за гасификацијата на целата држава, опозицијата обвинува дека градските власти се откажале од проектот

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Општина Битола не се откажува од изградбата на гасоводот, само ја намали сумата за инвестирање за годинава. Ова е одговорот на општината откако опозицијата обвини дека локалната власт на Битола се откажала од едно од најголемите ветувања на градоначалничката Наташа Петровска затоа што овој круцијален проект е тргнат од развојната програма на буџетот на Општина Битола. Така внесен во предизборието на локалните избори битолскиот гасовод уште не почнат да се гради ја пламна политичката клима во градот.  

Опозицијата обвинува дека пропаднале најавите на локалната власт дадени од  февруари минатата година дека есента 2020 дел од објектите во Битола ќе се приклучат на гасоводот, а дел ќе се приклучат на топлинска енергија од РЕК. Според јавно објавените бројки уште лани за гасификацијата на Битола се вложија околу 70 илјади евра, а според проектот до крајот на 2020 година, вкупната сума што требаше  да се инвестира беше 500 илјади евра. Лани требаше да бидат изградени околу три километри гасоводна мрежа во вредност од половина милион евра.

Сега по речиси една и пол година од најавеното, не само што гасоводот не е изграден и нема ништо видливо на терен туку е тргнат и од развојната програма на буџетот на општината за кој пред некој ден беше изгласан ребалансот.

„Во развојната програма на буџетот на Општина Битола повеќе ја нема гасификацијата на градот. Клучниот проект и клучното ветување на Наташа Петровска. Потрошивте повеќе од 70 илјади евра пари на граѓаните, ги потрошивте тие пари спротивно на Законот за енергетика. Она што го прави централната власт во делот на гасификацијата никако не во содејство со она што го прави локалната власт. Доаѓа Бочварски и вели дека не во Битола туку ќе прави гасификација во Ресен. Значи со гасификацијата во Битола завршивте, а па сега нареден е Ресен“, обвини Иванчо Тошевски советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од општина Битола во одговор за „Независен“ се категорични дека не се откажуваат од проектот за гасификација на градот, ниту пак од проектот за телекомуникациски коридор.

„Реализацијата на гасоводот не е тргната од развојните планови на буџетот, само е намалена сумата која ќе се користи оваа година, бидејќи очекуваме градбата на гасоводот да започне во последниот квартал годинава, тврдат од Општина Битола и наведуваат две причини зошто се одлучиле на ваков потег.

„Прво, според информациите со кои располагаме, магистралниот гасовод би требало да биде заполнет и спремен за експлоатација во последниот квартал на оваа година или во првиот квартал од следната година и нашите активности ги координираме со НЕР. И второ деловниот модел за експлоатација на дистрибутивниот гасовод зависи и од концептот кој во моментот го разработува Владата. Кон крајот на јули би требало да имаме попрецизни информации и според тоа да донесеме и правилна одлука“, наведуваат од Општина Битола.

Затоа од општината планираат градбата да започне во последниот квартал на оваа година и средствата ги пренасочиле кон други проекти. Но, сепак, се ќе биде условено од динамиката на изградба на магистралниот гасовод и одлуките на Владата, велат тие.

Што се однесува до тоа во која фаза е проектот и што се работи во  моментот, од општината наведуваат дека е изработен проект за инфраструктура во должина од 2.800 м, при крај е на изработка на основен проект за 2.800 м. Во моментот, исто така, се работи проект за инфраструктура од 8.000 м, а набрзо ќе започне изработка на основен проект од 7.200 м и проект за инфраструктура од 15.000 м.

За тоа каков ќе биде деловниот модел што општина Битола го планира во иднина за експлоатација на гасоводот, дали се размислува за јавно-приватно партнерство или пак сама ќе формира јавно претпријатие, како што своевремено се навестуваше, или пак сосема трето решение ќе зависи од правецот кој ќе го определи Владата.

Гасоводот треба да  опфаќа пет мерно-редукциски станици, а последната станица треба да биде Индустриската зона „Жабени“ и фабриката „Кромберг и Шуберт“. Градоначалничката Петровска лани кажа дека гасоводот ќе има свој инпут и во топлификацијата. Како и тоа дека ќе се поддржи секоја програма што ќе придонесе за здрава животна средина.