Битолски села на границата со Грција се без струја, сточарите направија бели реки од расипано млеко  


Расипаното млеко се истура

 

Жителите на битолските села Гермијан, Бач, Брод, Живојно, Добровени и Скочивир од вчера се без струја, а како што велат за кусо време ќе останат и без вода. Бидејќи станува збор за сточарски крај, без струја и соодветно ладење им се расипа и млекото па го истурија по ендеците и направија бели реки низ селата.

Од ЕВН им било кажано дека има испад на далекувод, дека работат на терен, но поради високите температури млекото им се расипа.   

„Повеќе од 22 часа без електрична енергија се оставени селата: Гермијан, Бач, Брод, Живојно, Добровени и Скочивир. Во скоро време ќе останеме и без вода, бидејќи резервоарите се при крај. Бидејќи овој крај е сточарски, покрај луѓето се загрозени и животните. Дополнително трпиме штета бидејќи десетици тони млеко се расипаа што во парична вредност надминуваат 300.000 денари. Кој ќе ги надомести овие штети, кој воопшто мисли за овие од бога заборавени села? Ова не е ни прв ни последен пат, важно сметките доаѓаат секој месец се поголеми“, се пожали  Васко Гичевски, жител на Бач.

Селата се дел од битолскиот дел на Пелагонија во близина на РЕК „Битола“. Инаку бројот на жители се осипува од година во година, сепак во овој крај ѐ уште има поголеми сточарски фарми кои егзистираат како семејни стопанства. (А.Б.)