Битолската зимска служба подготвена за зимската сезона


 Општина Битола ја подготви Зимската служба за интервенирање во претстојната зимска сезона, за што се обезбедени над 18 милиони денари за чистење на снегот и голомразицата од коловозните површини.

Според утврдената програма, Зимската служба ја предводи КЈП „Нискоградба“ со специјални машини, опрема и човечки ресурси за чистење на улиците во градот, а во зависност од временската ситуација ќе бидат ангажирани и други избрани учесници.

-Коловозните површини предвидени за оспособување во зимски услови на ниво на Општина Битола изнесуваат околу 191 километар и нивното расчистување се одвива на сообраќајници по кои се одвива јавен градски превоз со критични точки и пристапи кон објекти кои се од витално значење за градот или сообраќајници од прв приоритет, и сообраќајници од посебно значење за функционирање на сообраќајот, стопанските и други објекти во градот и пошироко на територијата на општината, или сообраќајници од втор приоритет. Составен дел на програмата се и локалните патишта и сообраќајници низ населени места, односно рурални населби, информираа од Општина Битола.

Динамиката на Зимска служба ќе ја следат и од ЈП „Комуналец“-Битола, чија задача освен подигнување на сметот ќе биде да врши расчистување од снег на пристапите до контејнерите за смет и околу нив, да ги расчистува пешачките зони, тротоарите и пешачките пристапи до објектите кои се од витално значење, да врши сечење и отстранување од коловоз на паднати дрва и гранки, како и да го отстранува снегот и пристапните патеки во парковите и спомен обележјата во Градот, патеките во гробиштата и други работи сврзани со зимската служба.

Од Општина Битола потсетуваат дека во зимски услови обврски имаат и претпријатијата, заедниците и граѓаните сопственици, односно корисници на деловни згради и деловни простории кои самостојно преземаат мерки за чистење на снегот и голомразицата пред своите објекти, како и граѓаните односно сопствениците, станарите и закупувачите на станбените објекти кои го чистат снегот и голомразицата од тротоарите – патеките и приодите пред своите станбени згради, а го чистат и снегот од покривите и терасите при што се води сметка за безбедноста на минувачите, надворешните инсталации и сообраќајот.