Битолчани со мирен протест дадоа поддршка за полицаецот Гоце Петковски


БИТОЛА– Битолчани дадоа масовна поддршка за полицаецот Гоце Петковски осуден првостепено на една година затвор за кривично дело малтретирање при вршење на служба. Стотици граѓани мирно маршираа низ Широк Сокак, додека пак членови на полициските синдикати со автомобили продефилираа по битолските сообраќајници.
Полицаецот од Битола, минатиот септември беше снимен и објавен на социјалните мрежи како тепа граѓанин пред Поштата во градот, откако возачот под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна несреќа и агресивно се однесувал.
Неколку полициски синдикати денеска се собраа во Битола и вперувајќи го прстот кон судството побараа ослободителна пресуда за Петковски, укажувајќи на низа пропусти во постапката.
-Дали судијата пресудил само врз основа на аматерска видео снимка од мобилен телефон на која не може да се согледа секој момент за да се донесе релевантен заклучок. Не, овде не е задоволена правдата, овде е нанесена неправда, рече Николче Кирковски од Синдикатот на полиција на Македонија.
Од независниот синдикат на полицијата најавија радикализирање на протестите. Велат дека во моментот се чекаат пресуди уште за неколку други случаи каде на полицајци им се суди за истото дело.


-Не може некој за убиство на човек да биде осуден 6 до 7 месеци, а некој заради ништо на една година затвор. Ние не сме во полицијата да правиме тортура како што некој тоа го изврти во судските одлуки. Не сме заморчиња некој да си игра со нас, ова ќе биде почнување на масовни демонстрации од страна полицијата, затоа што во тек се и други судења и некои полициски службеници ги следува и поригорозна мерка ако продолжи вака судството, рече Гоце Делчев Тодев претседател на Независниот синдикат на полицијата.
Од синдикатот на затворската полиција најавија дека ќе бараат измени на кривичниот закон.
-Од понеделник независните синдикати при конфедерацијата на синдикални организации на Македонија ќе поднесат измени и дополнувања на Закон за кривична постапка каде што овластените лица во редот на полицијата вработени во МВР како и затворската полиција да се избрише членот каде што припадник на безбедноста ќе се гони. Ние бараме да ни се води редовна постапка како сите граѓани. Секој што направил злоупотреба да се казнува по кривичен законик како и останатите граѓани, рече Горан Ристевски од Независниот синдикат на затворска полиција и администрација на Македонија.


Инаку Невзат Јашаровски од Битола, врз кого беше употребена физичка сила од полицаецот, за медиумите рече дека не е задоволен од пресудата на Кривичниот суд во Скопје, но дека ќе бара отштата затоа што му било нарушено здравјето како последица од инцидентот.
МВР во септември 2020 година поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција против П. Г., полицаец во СВР Битола, за кривично дело малтретирање во вршење на служба, поради неоснована употреба на физичка сила против битолчанецот Ј.Н. По ова следеа протести во Битола на Ромите од каде порачаа дека не смее да се вози под дејство на алкохол, но и дека полицијата не смее да тепа, туку треба да го спроведува законот. (А.Б.)