Битолчани паркираат кај ќе стигнат


Зонското паркирање во Битола, кое започна да се спроведува пред шест години, не ги даде посакуваните ефекти во градот кој е на второ место во државата по број на регистрирани возила, веднаш зад скопската Општина Центар. Според ДЗС, низ битолските улици возат 25 илјади автомобили, па хаосот со паркирањето во централното градско подрачје е секојдневен проблем. Често возачите ги паркираат автомобилите надвор од зоната каде што паркингот се наплаќа, во тесните улички на старото градско јадро, каде што се создаваат тесни грла. Исто така, се паркира и пред влезовите на станбени објекти, гаражи, каде што жителите не можат да излезат ниту пеш ниту со својот автомобил. Пајак-службата работи во рамките на ЈП „Комуналец“, но со едно возило за подигање на непрописно паркираните автомобили, тешко ја покрива цела територија на Битола, па битката со несовесните возачи, граѓаните најчесто ја водат сами, со натписи поставени на своите гаражи или куќи, а често и сами делат правда дупејќи им ги гумите на непрописно паркираните автомобили.
– Ни за арно ни за лошо не можам да излезам од дома. Везден има паркирано возило. Никој не сака да плаќа паркинг, па ги оставаат автомобилите каде што ќе им текне. Има сообраќаен знак дека е забрането паркирање, на гаражата имам поставено натпис, но ништо не вреди, вели жител од слепата уличка „Томаќи Димировски“ во Битола.
На последната седница, Советот на Општина Битола донесе одлука за формирање јавно претпријатие за паркинзи, кое ќе го преземе управувањето со градските паркинзи од досегашниот концесионер, чиј договор завршува во јуни. Сега жителите од неколку локации во градот бараат од Општината ова јавно претпријатие да го среди и хаосот со паркирани возила во улиците кои не се опфатени со зонско паркирање.
Станарите од зградите во комплексот „Стара болница“ во строгиот центар на Битола побараа да се прошири опфатот на зонско паркирање во кој ќе се вклучи и нивниот паркинг. Иако постои сообраќаен знак дека паркингот е наменет само за жителите од овие станбените згради, сепак никој не го почитува, а паркирани возила има и на тротоарите.
– Овде е секојдневен хаос, автомобили паркираат граѓани кои работат во близина, кои завршуваат некакви обврски во центарот на градот, кои пијат кафе на Широк сокак, па за станарите од зградите речиси никогаш нема место. Бараме да се регулира паркирањето, поминати се сите фази, изработен е и елаборат, ги имаме сите документи, потребно оваа одлука да се усвои до Советот на Општината и да влеземе во опфатот на зонско паркирање – вели станар од комплексот „Стара болница“ во Битола.
Во разговорите со претставниците на Општина Битола посочија дека оставаат надлежните да изнајдат начин како ќе се регулира паркирањето во центарот на градот, а сопствениците на возила се подготвени да плаќаат утврден месечен износ за паркинг-место.
– Можни се две варијанти за решение на проблемот. Едната е со поставување на рампи за влез и излез на возила, со тоа што за жителите кои ќе плаќаат месечен надомест постојано ќе има слободен паркинг, а доколку останат слободни места тогаш со нив нека стопанисува јавното претпријатие. Другата варијанта е со налепници за резидентни паркиралишта, но како ќе се регулира оставаме на надлежните – велат станарите.


Жителите од улицата „Лазо Трпоски“, која излегува на Широк сокак бараат овој крак да биде пешачка зона, а возила да можат да паркираат само граѓаните кои живеат овде. И тие водат секојдневна битка со паркирани возила на улицата и тротоарите, па често пати е проблем да влезат и излезат во своите домови, но се случило овде во оваа улица да не може да влезе и да интервенира противпожарно возило.
– Возила се паркираат на тротоарите од двете страни, кои го стеснуваат коловозот. Неодамна имаше пожар на електрична бандера, па противпожарното возило не можеше да влезе. Огнот зафати дел од куќата на соседот. Секојдневно одиме во локалите на Широк сокак да ги бараме сопствениците на автомобилите кои паркираат пред порти. Честопати викаме и полиција, но тоа не е решение. Бараме да се реши хаосот со паркирањето, а ние се согласуваме да плаќаме месечна карта за паркирање на нашите возила – велат жителите од „Лазо Трпковски“.
Претставниците од Општина Битола ветија дека овие реални проблеми со кои се соочуваат граѓаните кои живеат на улици што не се опфатени со зонското паркирање ќе бидат земени предвид со преземањето на надлежноста за паркинзите на новото јавно претпријатие.
Зонското паркирање во Битола започна да се спроведува од јуни 2013 година, кога тогашната локална власт потпиша шестгодишен договор за јавно-приватно партнерство со фирмата концесионер „Стентон градба“, која имаше обврска годишно на Општина Битола да ѝ плаќа 28 илјади евра за 1.951 место за зонско паркирање. Сега одлуката за формирање ново јавно претпријатие, кое ќе стопанисува со паркинзите, советниците од власта ја донесоа сами, затоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата со образложение дека ова се прави во предизборие за собирање политички поени.
– Битолчани ќе плаќаат пристојни цени за паркинг, а најважно е тоа што средствата ќе се слеваат во општинската каса, наместо во приватни џебови – рече советникот од СДСМ, Методија Илиевски.
Новото јавно претпријатие, кое треба да го преземе управувањето со градските паркинзи во јуни, ќе се соочи со многу проблеми, за кои граѓаните на Битола очекуваат решенија.

Недостигот на паркиралишта и катни гаражи не е единствениот. Локалната власт веќе подолго време најавува нов сообраќаен план за градот, каде што бројот на автомобили секојдневно се зголемува, наспроти тесните улици во централното градско јадро, а недостигот на велосипедска инфраструктура, не дава можност граѓаните да го користат велосипедот како евтин и побрз транспорт низ сообраќајниот метеж во Битола.

Емилија Мисирлиевски