Битолчани бараат слобода за Ламбе

Освен што бараа слобода за пејачот Ламбе Алаковски учесниците на протестот кинеа постери со сликите на Стево Пендаровски и бугарскиот комунистички лидер Георги Димитров кој овозможи културна и просветна автономија на Македонците во Пиринска Македонија


Од протестот во Битола организиран од Левица (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Слобода за Ламбе побараа битолчани кои попладнево масовно се собраа на протест пред  битолската полиција. Со транспаренти „Во градот на Стив Наумов нема место за Ванчо Михајлов“, учесници на протестот кинеја плакати од актуелниот претседател на Македонија Стево Пендаровски и комунистичкиот лидер на Бугарија Георги Димитров, а веднаш до знамето од Кутлеш го држеа и плакатот со ликот на актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

Необјасниво беше зошто се кинеа слики со Георги Димитров кога тој дозволи кулурна и просветна автономија на македонците во Пиринска Македонија. Запрашани зошто го прават тоа, една од учесничките на протестот рече дека тоа е поради револт кон актуелната власт, но и поради фактот што „ Димитров е единствениот прифатлив Бугарин, за нив“. 

На протестот учесниците како да ја измешаа целта поради која се дојдени, па повеќе се извикуваше „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, „Едно име имаме“, а помеѓу ова се бараше и ослободителна пресуда за Ламбе Алабаковски.

„Да го ослободат Ламбе оти имал мотив зошто го направил ова. Неговиот дедо бил убиен од фашистите во 1940  и некоја година. Го направи тоа во афект. Како што неодговарале Бугарите кога ги кршеле македонските клубови во Бугарија, така треба и Ламбе да биде ослободен“,  вели битолчанецот Кире Скубевски. 

Од пред полицијата демонстрантите отидоа пред затворот „Црн Мост“…
…а потоа и пред бугарскиот конзулат во Битола

На протестот доминираа млади кои побараа Ламбе да се ослободи – „оти направи нешто што секој Македонец сака да го направи. Патриотски потег кој јас го поддржувам“, рече Антонио Спирковски.

На протестот беа присутни и нашинци од дијаспората кои рекоа дека Македонци од Австралија се подготвени да ги платат трошоците за Ламбе Алабаковски. Протестантите развиорија и транспарент во кои побараа од Европската унија да го признае македонското малцинство во Бугарија, како и европските права за Македонците во Пирин.

Организаторите на протестот од организацијата на Левица во Битола, побараа слобода за Ламбе и активирање на кривичната пријава поднесена против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓоргиевски.

„Народот со пари не се купува, а актуелната власт дозволи отворање на културен клуб на прокламиран фашист. Државниот врв дозволи клубот да се регистрира и молчење. Ние молчевме кога го менуаа името, сега не молчиме бараме слобода за Ламбе. Реакцијата на Ламбе е крик на македонската бунтовност“, порачаа организаторите во говорот.

Од пред полицијата демонстрантите заминаа да простестираат и пред затворот „Црн Мост“ каде се наоѓа Ламбе Алабаковски. Оттаму тие поминаа крај бугарскиот конзулат во центарот на градот. Протестот беше силно обезбедуван од полицијата.

На популарниот пејач ова му е втор ден во притвор од одредените 8 дена. По неговото апсење вчера, тој призна во полицијата дека во саботата ја потпали влезната врата на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.