Битолчани бараат психолошка помош по финансиските измами

Измамени граѓани на Битола последниве години останеле без значителни суми пари, поединечно дури и без неколку десетици илјади евра


Измамниците сметаат на лакомоста на одредени луѓе (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Финансиските измами станаа вообичаена вест за битолчани откако последните години, дали преку социјалните мрежи, дали на телефон, нема месец да нема измамени сограѓани. Градот познат по големиот октопод и стотиците измамени штедачи од пирамидалната штедилница ТАТ, постојано е на мета на измамници од државата и странство, а „приказните“ се различни.

Измамени граѓани на Битола последниве години останеле без значителни суми пари, поединечно дури и без неколку десетици илјади евра, пари со кои можеле да купат станови, и повторно наседнуваат на финансиски измамници. Покрај ТАТ пред десеттина години битолчани беа жртви на измама организирана преку невладино здружение,  „тешка“ над 100.000 евра. Дузина битолчани позајмиле пари на граѓанска активистка за проект за жените во руралните средини. Во последно време измамите со значителни суми на пари се и за онлајн купување на криптовалути, како „нова мода“ за лесна заработка. 

Психологот Марија Младеновска-Димитровска вели дека финансиски измамените граѓани сѐ почесто бараат психолошка поддршка бидејќи по ваквите случувања на удар не се само поединци, туку и опстанокот на цели семејства. На измамите наседнуваат не само помалку образованите граѓани, туку и интелектуалци, вели таа. 

„Како психолог сум се соочила со граѓани, жртви на измами кои дошле да побараат психолошка поддршка, за нив и нивните семејства. Со губењето на значителна сума пари во семејството западнале во тешки психички кризи. Изгубиле по 20 до 30 илјади вера, или станот го ставиле под хипотека. Имав случаи за измами со онлајн купување на криптовалути, страдаат цели фамилии и бараат психолошко советување“, вели психологот Младеновска-Димитровска во разговор за „Независен“. 

Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола вели: „Во 2024 година се евидентирани пет измами на битолчани со значително суми на пари, а сега во новата 2025 година, само во јануари се направени дури три измами на граѓани. ‘Жртвите’ пријавуваат измами со криптовалути и наследство и во сите случи соработуваат со измамниците во смисла на пристап до телефон и давање на лични податоци и сметки“.

Последната измама која го привлече вниманието на јавноста во Битола се обелодени завчера, со 62-годишна жена од општина Новаци, а приказната почнала од 2023 година, кога лице од Романија ја „олеснила“ за близу 35.000 евра, со изговор дека ќе ѝ возврати со наследство од близу 600.000 евра.

„Жена од битолско пријавила дека преку социјалните мрежи стапила во контакт со лице од Романија, која ѝ кажала дека има сериозни здравствени проблеми, дека нема семејство, а има заштедено 590.000 евра и дека сакала да ѝ ги подари на пријавителката. Преку апликацијата WhatsApp комуницирала со лице кој се претставувал како адвокат, а уплатила и 34.890 евра, кои наводно биле потребни за спроведување на постапката. Но, бидејќи парите не ги добила, сфатила дека е измамена“, соопшти СВР Битола.

Лани во ноември лани 60-годишна жена од Битола пријавила дека била измамена за 10.000 евра. На Фејсбук стапила во контакт со лицето кое се претставило дека е со македонско потекло, дека е вработен во армијата на САД, во моментот на мисија во Сирија. Побарало да ги пушти парите на лице во Турција преку брз трансфер на пари, затоа што додека бил на мисија немал пристап до неговата банкарска сметка.

Битолчанец на 36 години пријавил дека бил измамен за околу 1.000.000 денари. Комуницирал со лицето преку различни телефонски броеви, бил упатуван во повеќе наврати да внесува парични средства во неговиот виртуелен паричник. Подоцна парите ги немало на неговата сметка.

Според психологот Младеновска-Димитровска измамите се најчесто заради манипулација со чувствата на измамените.

„Измамниците манипулираат со чувствата на луѓе во однос на нивни блиски кога станува збор за измами со наводни сообраќајки, или пак операции во странство на наводно близок член на семејството. Манипулацијата е поврзана и со лакомаста, алчноста како особини на потенцијалните жртви, се користи нивната желба за брза и лесна заработка. Лековерноста на измамените како особина. Сликовито кажано, ако тие не јадат лав, веруваат дека и лавот нема нив да ги јаде“, вели психологот. Од таму таа апелира да се едуцира населението за опасностите што демант особено на социјалните мрежи, за измами со емоционална поврзаност со цел да се извлечат пари од потенцијалната жртва. „Едукација за да се препознаат лажните награди игри, или оставањето на лични податоци на интернет. Да се обрне внимание и на измамите поврзани со уцени, сајбер – булингот“, вели таа. 

Од СВР Битола апелираат до граѓаните да бидат максимално внимателни и да не наседнуваат на измами со криптовалути или наводни наследства, што зачестија изминатиот период.

Според полициските извештаи дел од измамниците во државата се зад решетки, оние со сторители од странски држави тешко се решаваат. Кривична пријава е поднесена против 37 годишен битолчанец, кој се претставил како инспектор во охридската полиција и за наводна сообраќајка „заработил“ 400.000 денари од измамената.

Во јануари годинава уапсена е 59-годишна битолчанка, барана за издржување затворска казна од шест години за  сторено кривично дело „измама“.