Битолчанец најбогат во 2019, најмладиот милионер има само шест години, а најстариот 101 година


Битолчанец e најбогатиот граѓанин во земјава, а на Стружанец му била исплатена највисока плата. Најмладиот милионер во земјава има само шест години, а најстариот 101 година, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска на прес-конференција соопшти дека иако скопјани доминираат на листата со највисок доход, сепак на првото место е Битолчанец со остварен годишен доход од 211.360.619 денари (околу 3,4 милиони евра). На второто место е Скопјанка со годишен бруто доход од 172.166.358 денари (околу 2,8 милиони евра).

– Во споредба со 2018 година кога највисокиот остварен доход беше 1.056.992.055 денари (17,1 милион евра) има значајно намалување, така што прворангираниот во 2019 година кога би се нашол на листата од 2018 година би бил деветорангиран, рече Лукаревска.

Стружанецот на кого му била исплатена највисока плата работел во индустријата со метали кој пријавил годишен бруто доход од 1,9 милиони евра. На листата на највисоко рангирани бруто плати се и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, образование и производство на горна облека.

Највисокото лично примање по друг основ изнесува 48.511.454 денари (околу 788 илјади евра) на годишно ниво за привремено извршени услуги кон градежна компанија.

Најголем доход од капитална добивка има остварено Скопјанец кој продал сопственички удел во странска компанија и притоа заработил 88.352.113 денари (околу 1,4 милиони евра), а највисоката дивиденда му е исплатена на Битолачнец, кој е сопственик ан бизнис од областа на градежништвото.

Самостојното вршење на дејност е најпрофитабилно за скопјани и во 10-те најдобро рангирани се наоѓаат адвокати, извршители и угостители. Земјоделството е најисплатливо во Скопскиот регион каде граѓанин од продажба на сопствени земјоделски производи остварил доход од 32.345.815 денари (околу 526 илади евра). Највисокиот доход од закуп е остварен во Тетово, а највисокиот доход од авторски права во Скопје. Највисокиот доход од права на индустриска сопственост е остварен во Куманово.

Според податоците на УЈП, Скопјанка од лото обложување и учество во наградни игри заработила 29.293.930 денари, а прворангираниот пензионер е од Штип со бруто пензија од 8.064.000 денари.

Според директорката на УЈП, иако општите бројки се зголемени, сепак на индивидуално ниво износот на доход кај највисоко рангираните граѓани не ги достигнал износите на доход од 2018 година.

Кај 35.363 граѓани утврден е бруто доход над еден милион денари, додека најголемиот број на граѓани односно 638.210 оствариле бруто доход кој се движи од 100 илјади до еден милион денари.

Во 2019 година шест граѓани оствариле доход над 100 милиони денари што претставува намалување во однос на 2018 година кога имало 31 таков граѓанин. Вкупно 426 граѓани оствариле доход од 10 до 100 милиони денари.