Битола влегува во третиот пик, концертите во Хераклеја си го направија своето

Концертот на хрватската поп-ѕвезда Петар Грашо во Хераклеја на крајот на август го поттикна брзото ширење на корона вирусот

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Во Битола третиот пик започна малку пред третиот пик на ниво на целата држава, анализира професорот на Техничкиот факултет во Битола д-р Дејан Трајковски кој со математички модели изготвува статистички анализи за состојбата со корона вирусот во државата и во Битола.

Анализите на професорот Трајковски за забрзаниот раст на бројот на заболени се поврзуваат со концертите во Хераклеја на крајот на август.

„Всушност, ова е втор пик за Битола, затоа што во пролетта во Битола имаше само спорадично заразување, па така можеме да сметаме и дека немало прв пик.

Иако претходниот, јулско-августовскиот пик во Битола беше експресно сузбиен, радоста не траеше долго и поминавме сѐ на сѐ неколку дена под прагот на спорадично заразување. Двата масовни концерти во Хераклеја го сторија своето и се случи неминовното – забрзан раст на бројот на нови случаи во првите денови на септември. Според 14-дневната кумулативна инциденца на 100.000 жители во Битола имаме двојно помала брзина на ширење на епидемијата од државниот просек, но не моравме ни тоа да го имаме, со малку повеќе трпение и воздржување од концерти и масовни викенд забави. Грешката со масовните концерти е направена, забавите се исто така проблем, но сепак од дисциплината на мнозинството граѓани ќе зависи дали ќе го победиме и овој трет пик“, смета професорот Трајковски.

Концертите во Хераклеја се случија во последните денови од август, каде на настапот на музичката ѕвезда Петар Грашо според фотографиите очигледно беше дека не се испочитувале доследно пропишаните протоколи наменети за јавен настан.

Од почетокот на кризата до денес во Битола се потврдени 272 позитивни случаи, од кои во моментов болеста е активна кај 65 битолчани.

Само во последните 14 дена од 8 до 21 септември вирусот е потврден кај 46 лица, во исто време оздравени се 21 пациент, а еден пациент починал на 79-годишна возраст.

„Во моментов контролираме вкупно 120 лица во Битола, што се позитивни на вирусот, а се лекуваат во домашни услови и лица што се во изолација поради контакт со позитивно лице на корона вирусот“, потврдуваат од СВР Битола.

Од Центарот за јавно здравје во Битола информираат дека вирусот се шири во семејни кластери, во работни организации, а сѐ уште добар дел од заболените велат дека немале контакт со потврден случај на корона вирусот.

Она што во последниот период ги вознемири битолчани е што вирусот се шири меѓу тинејџери. Па така на 16 и 17 септември имаше случаи каде вирусот е потврден кај средношколци од 16 и 17 години.

„Што фајде што децата не одат на училиште кога секоја вечер кафетериите се полни со млади, се прават журки со стотици млади битолчани, концерти… Се дружат и забавуваат, а никој на тоа не може да стави контрола. Ситуацијата со младите избега од контрола, а потоа страдаат постарите. Прашање е што ќе се случи кога времето ќе залади и забавите ќе продолжат во затворени простори?“ реагираат битолчани на социјалните мрежи.

Од СВР Битола велат дека од мај досега 2801 битолчанец бил казнет за неносење на заштитна маска. За споредба, во Прилеп таа бројка изнесува 1.425, во Ресен 308, во Демир Хисар 47. Од полицијата потврдуваат дека зголемена е активноста на терен со поднесување на поднесоци, што се должи на ажурност на полициските службеници и тука Битола предничи во споредба со останатите сектори во државата.

„Само во текот на вчерашниот ден во Битола на повеќе фреквентни улици се казнети 83 граѓани за неносење на заштитна маска, во Прилеп се казнети 76 лица, во Ресен 4 лица, во Демир Хисар двајца. Граѓаните на Битола се предупредуваат и советуваат дека за неносење на заштитна маска им следува казна и тука нема да има прогледување низ прсти. Затоа се препорачува максимално почитување на мерките и препораките од здравствените власти“, вели портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова.