Битола преплавена од хаварисани возила пред зградите

Битолчани се жалат дека немаат каде да паркираат, сопствениците на хаварисаните возила не сакаат да се разделат од нив, Општината најавува дека конечно ќе го реши проблемот


Пред секоја зграда има по едно до две вакви напуштени возила (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Општина Битола најави дека ќе се справи со проблемот на паркирани хаварисани возила на јаван простор. Проблемот што општината го има со паркираните неупотребливи возила е стар со години и досега се покажа нерешлив.

Несовесни битолчани со оставени стари искршени возила на тротоари и на јавни површини „лечат“ носталгија по минатото, обвинуваат станари на колективни згради во Битола, каде на паркинзите со години наназад соседите оставиле хаварисани возила. Има и такви кои старото возило си го паркирале под прозор или пред влезот од зградата. Проблемот е толку голем што нема паркинг пред колективна зграда или тротоар од улица каде нема да најдете оставено хаварисано возило. Битолчани реагираат дека градот има недостиг од паркинг места, а стари возила држат простор.

„Р’ѓосани, со издишани гуми, без регистарски таблички, сопствениците ниту се трудат да им го најдат чарето. Ако им реагирате ќе ви кажат дека убаво е да гледа автомобил кој буди носталгија за едно време, за една заедничка татковина. Не можеме да се убедиме дека хаварисаните возила непотребно зафаќаат место за паркирање, кое секогаш недостасува. Ама велат дека си го ставиле под свој прозор и немаат разбирање, вели битолчанка жител на зграда на улицата „Партизанска“.

Граѓаните реагираат зошто општинските власти со години толерираат ваква состојба и зошто што не се спровела поголема акција за отстранување на хаварисаните возила како старо железо и одредување на казни за несовесните сопственици.

„Се јавивме  во Комуналната инспекција, велат дека граѓаните имаат право да пријават до нив за одредено хаварисано возило, но возилото пак останува на старото место, затоа што сопствениците очигледно не сакаат да платат за транспорт и отстранување, а вака  како што се оставени старите возила без регистерски таблички никој ништо не им може. Наводно проблем било да возилото е хаварисано и не е во возна состојба или пак може да се вози ама не е регистрирано. Како и да е смета и прави проблем“, реагираат граѓани.  

Од Општина Битола потврдуваат дека хаварисаните возила оставени на јавни површини низ градот претставуваат долгогодишен проблем, а претходните локални власти и покрај законската обврска и надлежноста не спровеле соодветни постапки согласно одлуката за комунален ред донесена од Советот на општина Битола во декември 2012 година.

Општината веќе најави решавање на проблемот и отпочнување на акција за отстранување на нерегистрирани и хаварисани возила, запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алати, приколки и камп приколки. Таа формирала и работна група која ќе предложи мерки за спроведување на оваа акција. За нив треба да се расправа на следнита седница на Советот.

По ова очекуваат за период од 2-3 недели да бидат завршени потребните процедури, за да се создадат услови за постапување.

„Нема да дозволиме состојбата со хаварисаните возила да се провлекува со години и да продолжи да ја нагрдува сликата на градот“, додаваат од Општината.

Хаварисаните возила ќе бидат подигнати и транспортирани со специјални возила и времено сместени во обезбеден простор за нивно чување.