Битола окована во сињак


Поглед на Битола од Јоргов Камен на Пелистер. Се гледа само врвот на оџакот на РЕК „Битола“

БИТОЛА – Битола со денови наназад е окована во густа магла или како што ја нарекуваат граѓаните – сињак. Во потрага по чист воздух битолчани секој слободен час го користат да се искачат на Пелистер и на околните ридови од каде споделуваат фотографии коментирајќи дека градот под густата магла изгледа како поларно море. Во маглата едвај наѕираат и оџаците на РЕК „Битола“.

„Пелагониско море со островите. Што дишат битолчани? Се капиме во поларно езеро со ПМ честички“, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Сињакот значително ја намали видливоста, а тоа особено се чувствува во вечерните часови. Оваа „капа“ дополнително влијае покрај пандемијата  граѓаните да не излегуваат од дома, особено хронично болните. Маглата е особено штетна бидејќи го попречува проветрувањето на воздухот, па штетните ПМ10 честичките остануваат со денови под неа.

Овој климатскиот феномен во градот под Пелистер во текот на зимата знае да трае и по неколку недели предизвикан од инверзија на воздухот. Ладните воздушни маси легнуваат во Пелагониската Рамнина, а топлиот воздух оди нагоре кон Баба Планина.

Мерната станица Битола 1 не дава резултати, но Битола 2 и преку денот покажува повисоки вредности на ПМ10, од дозволените 50 микрограми на метар кубен.

Експертите велат дека во Битола во просек има по 22 магловити денови. (А.Б.)